СТЕФОСКА И КОСТАДИНОВА АПЕЛИРАА ДО КОМПАНИИТЕ ЗА ПОДДРШКА НА НУБ „СВ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“, ЧУВАРОТ НА НАЦИОНАЛНОТО БОГАТСТВО

    СТЕФОСКА И КОСТАДИНОВА АПЕЛИРАА ДО КОМПАНИИТЕ ЗА ПОДДРШКА НА НУБ „СВ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“, ЧУВАРОТ НА НАЦИОНАЛНОТО БОГАТСТВОЕдна од читалните ќе се реновира после изборите за 1,5 милиони денари; - В. д. директорката Јелисавета Костадинова и министерката за култура Ирена Стефоска. (Фото: К. Попов)

    На 1 ноември почнува санацијата на една од читалните во Националната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“, а следната година и покривот, најавија денеска министерката за култура Ирена Стефоска и в. д. директорката Јелисавета Костадинова. Изминативе месеци на социјалните мрежи се појавија фотографии од прокиснатата читална.

    Формирана е специјална работна група за утврдување на состојбата во НУБ од сите аспекти, која изготвува план за ревитализација на Библиотеката. (Фото: К. Попов)

    „Не смееме ништо сега да почнуваме, поради локалните избори и Антикорупциската комисија, но почнуваме веднаш по изборите. За една од читалните добивме пари од Министерството за култура, 1,5 милиони денари. Библиотеката во ниеден момент нема да биде затворена за јавноста, во функција се другите читални“, кажа директорката Костадинова.

    Министерката рече дека покривот ќе се санира вгодина, со пари од Годишната програма за 2022, а првичните проценки се дека се потребни 40-50 милиони денари.

    Стефоска и Костадинова денеска ги прошетаа медиумите низ Библиотеката, заради подигнување на свеста за значењето на објектот и во вид на апел за поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот кој го чува нашето национално богатство.

    Библиотеката во ниеден момент нема да биде затворена за јавноста, во функција се другите читални. (Фото: К. Попов)

    Обjeктот е изграден во 1972 според проектот на архитектот Петар Муличковски, и како што рече Костадинова, беше една од најсовремените и најмодерните библиотеки на овој простор.

    „Но, текот на времето си го направи своето и ја повикувам целата јавност да даде придонес да го оживееме овој простор. Апелирам за поддршка од општествено-одговорната јавност, особено потребна во делот на санација на посебните читалници, кои некогаш служеле за научно-истражувачка работа, и нивно осовременување и компјутеризација“, кажа Костадинова, а министерката се надоврза: „Библиотеката не е само столчиња и кров, сакам да ја кренеме да нозе да биде сврталиште на млади луѓе“.

    Стефоска додаде дека почнува процесот за прогласување на библиотечниот материјал за Културно наследство во опасност, статус кој ќе овозможи брзи интервенции за негово зачувување и соодветно чување, како и вложување во стручен кадар, во опрема и во збогатување на содржината на библиотечниот фонд.

    Итно е потребен процес зацелување и заживување на просторот кој го чува нашето национално богатство. (Фото: К. Попов)

    Костадинова, која рече дека наскоро заминува во пензија, потенцираше дека кога таа се вработувала, Библиотеката имала 250 вработени, а денес има 89, и затоа е неопходно, вложување во кадарот.

    Директорката нѐ однесе и до новата зграда, која во 2009 во мандатот на поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска се изгради како продолжение на веќе постоечката, но досега нема добиено дозвола за технички прием. Таму, вели Костадинова, од самиот почеток, не е јасно зошто не е решено греењето и ладењето,  и поради спарната атмосфера, таму во фунцкија се само две канцеларии. Костадинова и министерката проговорија токму и за тој проблем, и најавија дека за сѐ тоа ќе се разгледува во проектот за ревитализација на Библиотеката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира