Студиото за јазици „Каста дива“ од Скопје доби Плакета на честа од кралот на Шпанија, од Редот за граѓански заслуги, за извонредниот труд вложен во наставата на шпански јазик во Македонија. Плакетата на приемот во Шпанската амбасада ја примија професорите по шпански јазик, Јасмина Никуљска, сопственичка на студиото, и директорот на студиото Ненад Велковски, а им ја додели шпанскиот амбасадор Рафаел Соријано Ортис. Во име на шпанскиот крал, студиото ја доби плакетата од Министерството за надворешни работи на Шпанија.
„Каста дива“ 28 години е единствениот специјализиран центар во Македонија за изучување на шпанскиот јазик и култура и единственото училиште акредитирано од Институтот Сервантес како испитен центар во Македонија за испитите по шпански јазик „Деле“.
„Чест ми е и големо задоволство да ја доделам оваа Плакета за граѓански заслуги на студиото ‘Каста дива’ претставувано од Јасмина Никуљски Велковска и Ненад Велковски, кои речиси 30 години се вистински амбасадори на Шпанија и на нејзините култура и јазик. И како што вели самото име, земено од најубавата и најтешка оперска арија ‘Каста дива’ од операта ‘Норма’ на Винченцо Белини, тие, покрај единствени, се и најдобри предавачи на шпанскиот јазик сите овие години, но и промотори на шпанската култура и традиција во нивниот најчист и највозвишен облик“, рече на приемот шпанскиот амбасадор Ортис.