СУДЕЊЕТО ОД „МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА“, КАКО И ДОКУМЕНТИ ОД СИТЕ 5 ВЕКА ПОД ТУРСКО СЕ ЧУВААТ ВО ФОНДОТ „БИТОЛСКИ КАДИЛАК“ ВО ДРЖАВНИОТ АРХИВ

    СУДЕЊЕТО ОД „МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА“, КАКО И ДОКУМЕНТИ ОД СИТЕ 5 ВЕКА ПОД ТУРСКО СЕ ЧУВААТ ВО ФОНДОТ „БИТОЛСКИ КАДИЛАК“ ВО ДРЖАВНИОТ АРХИВСиџилите (судски протоколи, судски записници) се пишувани на османски турски јазик. Тие биле создавани во канцеларијата на кадијата и пишувани од кадиските писари. (Фото: В. Цветковски)

    Документи сочувани во континуитет од 505 години, султански наредби, како и податоци во врска со настан кој е искористен како мотив за пишувањето на „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински, содржи фондот во Државниот архив на Северна Македонија, „Битолски кадилак“ или Битолски кадиски сиџили (сиџили – судски протоколи, судски записници). Станува збор за најзначаен фонд по обем и содржина со голем број збирки и поединечни документи напишани на османски турски јазик и е еден од најзначајните фондови во архивот.

    Воислав Цветковски од Секторот за заштита на архивскиот материјал во Државниот архив – ДЕПО, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Фондот е составен од 185 книги кои се однесуваат на периодот 1607-1912 година. Сиџилите се пишувани на османски турски јазик. Тие биле создавани во канцеларијата на кадијата и пишувани од кадиските писари.

    „Кога сме кај периодот кој го опфаќа архивскиот материјал од овој фонд, мораме да споменеме дека станува збор за континуитет од 505 години, при што ретки се примерите каде што имаме континуитет во материјалите за секоја година, без да недостасува материјал од некоја година или да недостасува книга за неколку години. За среќа, низ вековите наназад, материјалите од овој фонд зачувани се во целост и истите денес се чуваат во депоата на Државниот архив“, вели Цветковски.

    Во сиџилите на „Битолкиот кадилак“ се среќаваат во изобилство лични имиња на муслимани и христијани, како и топоними, понекаде со број на куќи и жители. (Фото: В. Цветковски)

    Во сиџилите може да се најдат податоци за социјалната положба на одредени воени лица, привилегиите кои ги користеле од државата за нивните заслуги како и социјална грижа за семејствата на загинатите воени лица, податоци за редовните и вонредните даноци, молби од селаните за ослободување од плаќање на данок, давање заеми за исплата на даноци со податоци за висината на каматите и времетраењето на отплатата, податоци за појава, гонење и осудување на арамии, податоци за имотно-правни расправи, списоци на занаетчии здружени во еснафи. Во сиџилите на „Битолкиот кадилак“ се среќаваат во изобилство лични имиња на муслимани и христијани, како и топоними, понекаде со број на куќи и жители.

    „Овој архивски фонд е од исклучително значење за проучувањето на историјата на македонскиот народ кој живеел на територијата на Битола, Македонија и пошироко на Балканот. Во сиџилите се препишани и голем број султански наредби. Овие акти, како и сите останати акти кои се евидентирани во деловодните протоколи на битолските кадии се веродостојни извори за проучување на социјалната, економската, културната, духовно-религиозната историја на овие простори. Значаен е овој фонд, како што споменав и од аспект на сочуваноста во целост, континуитет од 505 години, што претставува исклучителна реткост“, додава тој.

    Според кажувањата, вели тој, на некои негови колеги во оваа документација има и податоци во врска со настан кој е искористен како мотив за пишувањето на „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински.

    Ретки се примерите каде што има континуитет во материјалите за секоја година, без да недостасува материјал од некоја година или да недостасува книга за неколку години. (Фото: В. Цветковски)

    „Имено, знаеме дека како инспирација на Чернодрински за пишувањето на ‘Македонска крвава свадба’ му послужил краток новинарски извештај за случувањата и животот во Македонија, односно дописка од весникот ‘Реформа’. Од самата драма исто така знаеме дека блиските на Цвета побарале интервенција од битолските конзули. На нивно барање пристигнува повелбата на Вели-паша за претрес во домот на Осман-бег. Овие работи невозможно е да не биле евидентирани во некој од битолските сиџили“, ни рече Цветковски.

    Уште еден интересен податок за овој фонд е тоа што во некои од овие сиџили, во одреден период, се среќава прекрасен ракопис, за разлика од останатите битолски сиџили од други кадилаци. Најверојатно станува збор за ракопис на калиграфи. Најверојатно во Битола или околината имало школа за калиграфија, при што учениците праксата ја обавувале во разни државни органи, па така и кај кадиите.

    Во сиџилите може да се најдат податоци за социјалната положба на одредени воени лица, привилегиите кои ги користеле од државата за нивните заслуги како и социјална грижа за семејствата на загинатите воени лица, податоци за редовните и вонредните даноци. (Фото: В. Цветковски)

    „Траги од повеќевековното османлиско владеење на овие простори, владеење кое несомнено имало силно влијание во сите сфери од животот на македонскиот народ, видливи се и денес во областа на културното наследство. Османслиските пишани извори, настанати на територијата на Македонија, се од огромно значење за минатото на македонскиот народ“, вели Цветковски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира