Тапанарот и композитор Драган Теодосиев е годинешниот добитник на традиционалната награда за најдобар млад македонски џез музичар, што ја доделува Скопскиот џез фестивал (СЏФ) . Теодосиев е активен на македонската музичка сцена веќе две децении, а се школувал во Средното музичко училиште и на Катедрата за џез музика на Факултетот за музичка уметност во Штип.
Активно работи со голем број артисти и бендови како „Такси конзилиум“, „Светлост + Одрон Ритуал оркестра“, Зарина Првасевда, „Кобалт код јунит“ и Дина Јашари, а соработувал и со Тони Китановски, Сашо Поповски, Јордан Костов.
Бил дел и од театарската група „Мадам Фортуна“ од Анверпен, Белгија. Редовно настапува во Македонија, но и низ цела Европа.
„Го нарекуваат ‘најзафатениот (џез) музичар во Македонија“, велат од СЏФ.
Наградата на Теодосиев ќе му биде врачена на 20 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ), пред настапот на неговиот состав „Кобалт код јунит“.
Четириесет и третото издание на Скопскиот џез фестивал се отвора утревечер, со ексклузивната изведба на делото „После пожарот“ (After the Wildfire), што специјално за оваа прилика го компонираа норвешките џез ѕвезди Арве Хенриксен и Јан Банг како солисти, заедно со перкусионистот Ингар Зак. Музиката е аранжирана и под диригентство на Џијан Емин, а во изведбата ќе бидат вклучени и неколкумина познати македонски пејачки и кавалџии. На СЏФ годинава ќе настапат 11 угледни состави од САД, Бразил, Европа и Македонија. Четирите музички вечери ќе се одржуваат во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар.