ТАТЈАНА ЌУРЧИНСКА-ПЕПЕЉУГОСКА СТАНА ЧЛЕН НА ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ НА ЕУРИМАЖ, ТЕЛО КОЕ ГО УСВОЈУВА АКЦИОНИОТ ПЛАН ЗА ПАРИ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ФИЛМОВИ

    ТАТЈАНА ЌУРЧИНСКА-ПЕПЕЉУГОСКА СТАНА ЧЛЕН НА ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ НА ЕУРИМАЖ, ТЕЛО КОЕ ГО УСВОЈУВА АКЦИОНИОТ ПЛАН ЗА ПАРИ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ФИЛМОВИВо време на нејзиниот мандат, во 2020 беше донесена одлуката дека македонските филмски работници ќе може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции. (Фото: Приватна архива)

    Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, која од 2018 е национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, од 1 јануари ќе биде член на Извршниот комитет на Еуримаж. Реформата на Еуримаж, која влезе во сила и се применува од почетокот на оваа година, предвидува ново тело, Извршен комитет, составен од една третина земји членки на Фондот. Постојани членки на Извршниот комитет се претставниците на Германија, Франција и Италија. Мандатот на членовите на Извршниот комитет е една година.

    „Улогата на Извршниот комитет е да обезбеди континуитет во управувањето во периодот меѓу двете годишни сесии на Управниот одбор каде членуваат претставниците од сите земји членки. Извршниот комитет го усвојува акциониот план за постигнување на стратегиските цели утврдени од Управниот одбор и донесува одлуки за прашања кои се во негова надлежност. Ова особено се однесува на препораките за финансиска поддршка на сите програми кои Еуримаж ги развива: копродукција, дистрибуција, прикажување, промоција и родова еднаквост“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Таа е професорка по продукција и монтажа на Универзитетот ФОН во Скопје, реномиран филмски професионалец и сопственичка на некогаш најголемата дистрибутерска куќа „Манаки филм“.

    Во време на нејзиниот мандат, како и во ек на ковид пандемијата, во 2020 беше донесена одлуката дека македонските филмски работници ќе може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции, наместо како што беше претходно, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти. Тоа беше резултат на тоа што Македонија ја ратификуваше ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција, со која се уредуваат односите меѓу копродуцентите што учествуваат во содавањето филм.

    Така, во тој период поддршка од Еуримаж добија „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска, „Кајмак“ на Милчо Манчевски, „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, „Тело“ на Петра Селишкар, „Зад стоговите сено“ – првата грчко-македонска копродукција на Асимина Проедроу. За првпат, годинава три македонски филмови, на Митевска, Манчевски и Венинова, имаа светски премиери на фестивалите од А-категорија, Венеција, Токио и Каиро. Копродукцијата на Проедроу освои 5 награди на фестивалот во Солун.

    Во 2020, Ќурчинска-Пепељугоска рече дека токму со усвојувањето на Конвенцијата, полесно ќе се ангажираат домашните филмски работници, а плус и ќе имаат можност да учествуваат во многу повеќе меѓународни проекти поради намалување на процентуалното учество на продуцентите во вкупниот буџет на филмот.

    „А, имајќи ги предвид цените на нашите услуги во споредба со оние на останатите земји во Европа, еве ја шансата за нашите филмски работници. Се разбира, тука влијание ќе има и квалитетот, кој повеќето од нашите филмски професионалци го имаат“, рече таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира