МАКЕДОНСКИТЕ ФИЛМАЏИИ ПОЛЕСНО И ПОВЕЌЕ ЌЕ РАБОТАТ ВО МЕЃУНАРОДИ КОПРОДУКЦИИ СО ОДЛУКАТА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА УЧЕСТВОТО, ВЕЛИ ЌУРЧИНСКА-ПЕПЕЉУГОСКА, ПРЕТСТАВНИК ВО ФОНДОТ ЕУРИМАЖ

    МАКЕДОНСКИТЕ ФИЛМАЏИИ ПОЛЕСНО И ПОВЕЌЕ ЌЕ РАБОТАТ ВО МЕЃУНАРОДИ КОПРОДУКЦИИ СО ОДЛУКАТА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА УЧЕСТВОТО, ВЕЛИ ЌУРЧИНСКА-ПЕПЕЉУГОСКА, ПРЕТСТАВНИК ВО ФОНДОТ ЕУРИМАЖ„Македонските продуценти со многу помалку средства стануват легитимни копродуценти во меѓународните филмски проекти“, вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, реномиран филмски професионалец и македонски претставник во европскиот фонд Еуримаж. (Фото: Приватна архива)

    Од 1 октомври годинава, македонските филмски работници ќе може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции , наместо како што беше досегашна пракса, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти, соопшти Агенцијата за филм на 23 јуни. Ова е резултат на тоа што Македонија ја ратификуваше ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција, со која се уредуваат односите меѓу копродуцентите што учествуваат во содавањето филм.

    За процесот на ратификување на оваа конвенција, со која покрај членките имаат право да учествуваат и земјите кои не се дел од Европската Унија, разговаравме со Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, која од  2018 е национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж. Таа е професорка по продукција и монтажа на Универзитетот ФОН во Скопје, реномиран филмски професионалец и сопственичка на некогаш најголемата дистрибутерска куќа „Манаки филм“, а токму одлуката за двојното намалување на условите кои мора да ги исполнуваат продукциите за да се сметаат за копродуценти е во надлежност на Еуримаж.

    Конвенцијата за соработка во областа на кинематографија е донесена од Советот на Европа во 1992 и со неа се уредуваат односите помеѓу копродуцентите во меѓународна соработка, а текстот на истата е ревидиран и стапи на сила во јануари 2017. Ревидираната Конвенција предвидува повеќе олеснувања во соработката на продуцентите од различни држави и токму тоа е основната причина за ревизијата на првобитниот текст, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Една од најголемите промени се состои во утврдување (намалување) на процентуалното учество на продуцентите во вкупниот буџет на еден филмски проект и тоа: за билатерална копродукција процентот на учество е намален од 80:20 на 90:10, а за мултилатерална копродукција продуцентот од една од државите може да учествува минимално со износ до 5 отсто во вкупниот буџет на филмот, наместо досегашните 10 отсто.

    Ќурчинска-Пепељугоска вели дека несомнено е оти со конвецијата полесно ќе се ангажираат домашните филмски работници, а плус и ќе имаат можност да учествуваат во многу повеќе меѓународни проекти. (Фото: Приватна архива)

    „Оваа најзначајна измена придонесува нашите продуценти со многу помалку средства да станат легитимни копродуценти во меѓународните филмски проекти. Покрај ова, Ревидираната конвенција предвидува термин ‘Меѓународна копродукција’ наместо досегашниот ‘Европска копродукција’ и со оваа измена се проширува обемот на државите кои ги прифаќаат условите на овој вид соработка. Ова е особено значајно бидејќи во последниве две години во Еуримаж, како специјализирано тело за финансирање на кинематографијата во рамките на Советот на Европа, се примени како придружни-земји членки и Канада и Аргентина, Ерменија и Грузија, а се разговара и за прием уште на неколку неевропски држави“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Исто така, особено е значајна промената во однос на сопственичките права. Ревидираната конвенција утврдува заедничка сопственост на правата на филмското дело и материјалите, независно од процентот на учество на продуцентот. Другите измени се однесуваат на голем број административни олеснувања, кои се многу важни за продуцентите со цел да се забрза и поевтини процесот на создавање на филмот.

    На прашањето дали со конвенцијата се прави координација меѓу филмските фондови во разни земји за да се олесни учество во копродукција, таа вели: „Филмските фондови во различни држави скоро по правило ја координираат меѓусебно својата работа и се усогласуваат со барањата на своите продуценти за мнозинско или малцинско учество во некој проект. Ова особено се однесува на филмските проекти кои конкурираат за добивање средства од фондот при Советот на Европа Еуримаж, бидејќи колку повеќе копродуценти (држави) учествуваат во еден проект, толку се поголеми шансите тој проект да ја добие поддршката. Исто така, особено е значајна заедничката соработка меѓу националните фондови и националните претставници во Еуримаж за подобра координација при конкурирањето на проектите во овој европски фонд“.

    Ќурчинска-Пепељугоска вели дека несомнено е оти полесно ќе се ангажираат домашните филмски работници, а плус и ќе имаат можност да учествуваат во многу повеќе меѓународни проекти поради намалување на процентуалното учество на продуцентите во вкупниот буџет на филмот.

    „А, имајќи ги предвид цените на нашите услуги во споредба со оние на останатите земји во Европа, еве ја шансата за нашите филмски работници. Се разбира, тука влијание ќе има и квалитетот, кој повеќето од нашите филмски професионалци го имаат“, вели таа.

    Според неа, ова е исклучително важно за земјава поради можностите што се отвораат за поголема, побројна и подинамична копродукциска соработка.

    „Ако го имаме предвид фактот дека во државите со кои најчесто соработуваат нашите продуценти веќе важат новите правила, сосема е извесно дека динамиката на соработка ќе се интензивира. Тука мораме да нагласиме дека нашите продуценти и пред усвојување на оваа Конвенција соработуваа на меѓународен план, но олеснувањата што сега ги добиваат отвораат многу поголеми и побројни можности за соработка.
    Од друга страна, важно е да е истакне дека усвојувањето на Ревидираната конвенција не го оптоварува дополнително буџетот на државата, напротив. Тоа, според мене, значи дека вкупниот буџет за филмската дејност треба да се зголемува со цел да се овозможи поширок обем на меѓународна соработка“, вели Ќурчиска-Пепељугоска.


    Ревидираната конвенција утврдува заедничка сопственост на правата на филмското дело и материјалите, независно од процентот на учество на продуцентот, вели професорката Курчинска-Пепељугоска. (Фото: Приватна архива)

    Говорејќи за постапката за усвојување на Ревидираната конвенција, таа вели дека е слична во сите држави, меѓутоа, Македонија задоцнила во неколку сегменти од оваа постапка. Таа го информирала Министерството за култура веднаш по нејзиното именување за претставник на државата во Еуримаж, на почетокот на 2018. Била известена дека ниту во една институција немало никакви документи и извештаи за работата на нејзините претходници, што, вели таа, „ни дава за право да сметаме дека во текот на 2017 немало никаква иницијатива во оваа насока. Тоа беше првото доцнење од една година“.

    Следно било Министерството за култура да изработи предлог за донесување на Закон за ратификација на Конвенцијата, кој Владата го утврдила и го доставила до Собранието. Собранието го изгласа Законот за ратификација на Конвенцијата во декември 2018.

    „И тука настана вториот проблем, бидејќи тогашниот претседател Ѓорге Иванов не го потпишуваше указот, поради името на државата. Тој проблем беше премостен по 6 месеци, претседателот Стево Пендаровски во мај 2019 го потпиша указот. Потоа, Министерството за надворешни работи требаше да го достави инструментот за ратификација до Советот на Европа. До денес не ми е јасно зошто поминаа 13 месеци без тоа да се ефектуира. И тоа е третиот период на доцнење. Не ми е јасно кому и зошто му пречеше стапувањето во сила на оваа Ревидирана конвенција во нашата држава или тоа беше само резултат на немарност?! На крајот, сепак, по лично ангажирање на министерот за надворешни работи Никола Димитров, инструментот стигна во Советот на Европа. И така, конечно, нашите продуценти од 1 октомври оваа година ќе работат согласно правилата на Ревидираната конвенција. Меѓутоа, да бидам искрена, очекував повеќе ангажман како од еснафот така и од надлежните органи во чиј ресор е филмот“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари