„ТАЖАЧКИТЕ НА ИНИШЕРИН“ И „СÈ НАСЕКАДЕ ОДЕДНАШ“ СО НАЈМНОГУ НОМИНАЦИИ ЗА ЗЛАТЕН ГЛОБУС

    „ТАЖАЧКИТЕ НА ИНИШЕРИН“ И „СÈ НАСЕКАДЕ ОДЕДНАШ“ СО НАЈМНОГУ НОМИНАЦИИ ЗА ЗЛАТЕН ГЛОБУСБрендан Глисон и Колин Фарел во сцена од „Тажачките на Инишерин“ (Фото: АП)

    Откако ланскиот скандал и бојкот драстично го нарушија угледот на Холивудското здужение на странски новинари (ХФПА), поради што беше откажан и ТВ-преносот, Златните глобуси најавуваат враќање во полн сјај во оваа сезона на награди. Еден од главните предвесници на Оскарите издвои два наслова како големи фаворити.

    Трагикомедијата на Мартин Мекдона „Тажачките на Инишерин“ заработи осум номинации, меѓу кои и за актерите Колин Фарел, Брендан Глисон, Кери Кондон и Бери Киохан, а акционата авантура „Сè насекаде одеднаш“ седум, вклучувајќи ги и главните ѕвезди Мишел Јео, Џејми Ли Кертис и Ке Хуј Кван. Покрај нив, за најдобра комедија/мјузикл се номинирани „Нож во грб 2“, „Вавилон“ и „Триаголник на тагата“.

    Во конкуренција за најдобра драма се „Фејбелменови“, „Топ ган: Маверик“, „Елвис“, „Тар“ и „Аватар: Патот на водата“.

    Меѓу номинираните за најдобар актер во драма е и Брендан Фрејзер („Кит“), кој претходно најави дека нема да присуствува на церемонијата на 10 јануари, откако откри дека бил сексуално вознемируван од бившиот претседател на ХФПА, Филип Берк.

    За најдобра актерка во драма се номинирани Ана де Армас, Мишел Вилијамс, Оливија Колман, Вајола Дејвис и Кејт Бланшет.

    За Златен глобус за најдобар режисер ќе се борат Баз Лурман за „Елвис“, Стивен Спилберг за „Фејбелменови“, Џејмс Камерон за „Аватар 2“, Ден Кван и Даниел Шајнерт за „Сè насекаде одеднаш“ и Мартин Мекдона за „Тажачките на Инишерин“.

    Номинација за најдобар странски филм добија „На запад ништо ново“ (Германија), „Аргентина, 1985“ (Аргентина), „Блиску“ (Белгија), „РРР“ (Индија) и „Decision to Leave“ (Јужна Кореја).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира