„Мајка“, нов филмски проект на режисерката Теона Стугар Митевска во продукција на Белгија, ќе биде претставен на Копродукцискиот маркет на престојното Берлинале, од 12 до 16 февруари. Како што објави Берлинале, за еден од најголемите филмски маркети избрани се 34 долгометражни филмски проекти од 32 земји, а и годинава ќе се одвива само онлајн поради пандемијата.
На маркетот, продуцентите на проектите ќе се сретнат со потенцијални меѓународни копродуценти, светски агенти за продажба, ТВ дифузери, претставници на финансиски фондови, стриминг платформи и дистрибутери, како и други финансиски партнери од целиот свет. За селектираните проекти, маркетот на Берлинале обезбедува состаноци со сите учесници од индустријата кои може да помогнат да се спакува еден филм.
„Мајка“ на Митевска е по нејзино и сценарио на писателот Гоце Смилевски и на босанската сценаристка Елма Татарагиќ. Ова е четврта заедничка соработка на Митевска и Татарагиќ. На маркетот на Берлинале филмот е најавен како проект на Белгија, на продуцентската куќа „Онтро шие и лу“, која го продуцираше и претпоследниот филм на Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, што во 2019 имаше светска премиера во конкуренцијата за Златна мечка на Берлиналето и беше прв македонски долгометражен игран филм кој играл во оваа престижна селекција.
Меѓу избраните за претставување на маркетот се и новите проекти на Романецот Раду Жуд, кој лани освои Златна мечка на Берлинале за „Со среќа дупење или улаво порно“, како и на Агњешка Холанд и српскиот режисер Огњен Главоњиќ.
Митевска е во постпродукција на нејзиниот нов, шести филм „Најсреќниот човек на светот“, што се снимаше лани во август во Скопје и Сараево. Филмот доби поддршка од 30 милиони денари (500 илјади евра) на конкурсот на Агенцијата за филм во јули 2020, а поддршка доби и од Еуримаж. Македонски продуцент на овој филм е „Сестри и брат Митевски“, во копродукција со Босна и Херцеговина, Хрватска, Белгија и Данска.