„Покемон“, една од најатрактивните француски танцови компании, вечерва (20 часот) во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе го затвори Танц фест Скопје, со претставата „Тишина, на турнеја сме!“.
Компанијата, основана во 1997 година, е позната по комбинацијата на современиот танц и хип хоп движењата, а за танчарите , критичарите велат дека владеат со неверојатна техника и експресивност.
Кореографијата е на уметничкиот директор на компанијата Ријад Фгани, а настапуваат шестмина танчери.
„Претставата е омаж на развојот на киното во 30-тите години на 20 век и неговата уметничка експресија. На сцената се случува синергија на хип хоп движења, комедиите од тој период и современиот танц. Црно-белиот филм е подлога за колоративен танц, низ музички ритмови кои варираат, како трибут на киното и модерното време и потрага по нови димензии“, најавува Танц фест Скопје.
Изминатиов викенд во Штип, стотина студенти од девет европски универзитети и академии по модерен танц учествуваа на тридневниот меѓународна програма „Сподели“ како дел од Танц фест 2018 година. Програмата беше извонредно примена и наградена со голем аплауз од публиката во Центарот за култура „Ацо Шопов“. Домаќини и организатори беа Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ и Центарот за култура .
Т. ЈОВАНОВСКИ