ТОШО ОТКРИ НАШИ ПЕСНИ ЗА КОИ НЕ СМЕ НИ ЗНАЕЛЕ ДЕКА ПОСТОЈАТ, КАЖА ПЕТАР МЛАДЕНОВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА МОНОГРАФИЈАТА ЗА „СУПЕРХИКС“

    ТОШО ОТКРИ НАШИ ПЕСНИ ЗА КОИ НЕ СМЕ НИ ЗНАЕЛЕ ДЕКА ПОСТОЈАТ, КАЖА ПЕТАР МЛАДЕНОВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА МОНОГРАФИЈАТА ЗА „СУПЕРХИКС“За крај на промоцијата, „Суперхикс“ отсвиреа краток акустичен сет (Фото: СДК.МК)

    По „Мизар“ и Горан Трајковски, музичкиот хроничар Тошо Филиповски ја посвети најновата монографија на генерациски и стилски поинаков бенд – „Суперхикс“. На околу 400 страници, книгата „Хроника за една гласна иронија“ ја раскажува приказната за еден од најконстантните бендови на македонската музичка сцена, кој непрекинато твори и настапува повеќе од 30 години.

    Филиповски во книгата ја наведе бројката од 478 концерти, свирки и настапи, додавајќи дека во меѓувреме имале уште неколку, со што наскоро ќе стигнат и до 500.

    „Сме свиреле на Егзит, но и во флиперница во Ченто“, се присети фронтменот Петар Младеновски.

    На промоцијата во рок-кафулето „Ван Гог“ во Скопје, Филиповски кажа дека за разлика од некои други монографии, му било полесно да пишува книга за „Суперхикс“ зашто сеќавањата се посвежи, а информациите подостапни.

    „Деведесеттите не се толку сериозно опфатени со фотографија, меѓутоа сеќавањата сè уште им беа свежи. Самите разговори со голем дел од нив беа инспиративни, содржеа навистина квалитетни информации. Исто така, ‘Суперхикс“ е бенд кој се развивал во дигиталната ера, па голем дел од информациите сè уште стојат на интернет и можеше да се направи посериозна реконструкција на нивната историја“, кажа Филиповски, за кога ова е шеста антологиска книга за македонската рок музика.

    На околу 400 страници, книгата „Хроника за една гласна иронија“ ја раскажува приказната за еден од најконстантните бендови на македонската музичка сцена (Фото: СДК.МК)

    Младеновски го пофали Филиповски дека толку посветено навлегол во пишувањето на книгата што открил и песни за кои групата не ни знаела дека постојат.

    „Ни пушти снимка од некој фестивал во Велес од 1995. И слушам песна што не ја знам. Сме заборавиле дека сме ја направиле“, рече Младеновски.

    Преку хумор, анегдоти и голема почит кон колегите, Младеновски спомна бројни имиња кои помогнале во подемот и развојот на „Суперхикс“. Тешко беше само да се наведат сите кои поминале низ групата. Според него, тоа се околу 33-34, а можеби и 40 луѓе. Некои дојдоа, некои не дојдоа, но затоа впечатливо беше присуството на актерот и пејач Раде Рогожаров, ѕвездата на хитот „Раде“.

    За крај на промоцијата, „Суперхикс“ отсвиреа краток акустичен сет.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира