„Среќна Нова година“ во режија на Бојан Трифуновски е новата претстава на Турски театар, која премиерно ќе се изведе утревечер во 20 часот, во Театар Комедија.
Претставата е мјузикл- кабаре, работена по мотиви на Данил Хармс и Дејвид Ајвс, и драматизација на Трифуновски.
Играат : Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Аксел Мехмет, Един Јакуповиќ и Берхеда Решит.
Трифуновски, кој прв пат работи во Турски театар, вели дека ова е „СНГ“ е претстава – лабораторија за уметник кој истражува зошто светот сака да се самоуништува, и затоа создава ментален простор во кој слободно размислува и твори.
„Претставата се однесува за сите дежурни виновници за распадот на оваа цивилизација“, вели режисерот.
Уметникот во менталниот простор, вели Трифуновски, во 5 до 12, создава новогодишна масонска забава, со 10 масони кои преку јазикот на Хармс и на Ајвс создаваат атмосфера за интроспекција и самосоочување.
„Уметникот разговара со масоните и преку нивните монолози, се обидува да ги разбере нивните потреби да го уништуваат светот“, додава тој.
Сценографијата е на Љупчо Јованов, костимите на Елена Вангеловска и Антонија Гугинска- Јордановска.
За прв пат музика за театарска претстава, работи композиторот и музичар Ади Имери, а кореографијата е на Александра Кочовска- Начева.
Репризата е в петок.
Б.НЕСТОРОСКА