ТВ-СЕРИЈАТА „ЗОКИ ПОКИ“ СПОРЕД РОМАНОТ НА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА ОД ДЕНЕС НА МРТ

    ТВ-СЕРИЈАТА „ЗОКИ ПОКИ“ СПОРЕД РОМАНОТ НА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА ОД ДЕНЕС НА МРТ„Зоки Поки покрај забавен карактер носи и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма”, вели Алекснадар Поповски, режисер на серијалот. - Од снимањето на серијата (Фото: Фејсбук страна на серијата „Зоки Поки“)

    Телевизиската серија за деца „Зоки Поки“ “ според истоимената книга на Оливера Николова, од денес почнува да се прикажува на првата програма на Македонската радиотелевизија (МРТ).

    Вкупно ќе се емитуваат десет епизоди од ТВ-серијата, секој понеделник и четврток во 20: 15 часот, а по емитувањето на МРТ, наредниот ден епизодите ќе бидат достапни и на веб-страницата зокипоки.мк и на официјалниот Јутјуб канал.

    Продукцијата на омиленото и култно дело на многу генерации е на „Кино око“ во копродукција со МРТ, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Режисер на серијалот е Александар Поповски, а десетте епизоди ги режираа и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Главен продуцент е Роберт Насков. Адаптацијата на серијата ја работеа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

    Зоки Поки го игра Матеј Настевски (11 години), Лидија е Анастасија Аневска (12), Боки е Матео Матоски (11), а Гоки е десетгодишниот Матеј Зимбаков. Сашко Коцев и Даниела Иваноска ги играат таткото и мајката на Зоки Поки, а бабата е Сабина Ајрула-Тозија.

    „Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, екипата создаде ТВ- проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното ‘брзо’ време, но и на родителите со кои се надеваме заеднички ќе поминат квалитетно време со своите деца пред ТВ-екраните“, вели продуцентот Роберт Насков.
    Поповски верува дека спојот на она што неговата генерација го наследи од генерацијата на неговите родители ќе успеат да го пренесат на сегашните деца.

    Даниела Иваноска, Матеј Настевски и Сашко Коцев како мајката Ивана, Зоки Поки и таткото Филип. (Фото: Фејсбук страна на серијата „Зоки Поки“)

    „Зоки Поки покрај забавен карактер носи и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма”, вели Поповски.

    Серијата се снимаше лани во август и септември на повеќе локации во Скопје.

    Директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф е Иван Бартлинг, костимите се на Жаклина Крстевска, композитор на музиката е Александар Пејовски, а на песните Александар Митевски. Монтажата е на Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Драган Алексов и Софија Самоиловска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира