Дебитантскиот долгометражен игран филм на Димитар Оровчанец, „Убиј ги прво децата“, ќе има светска премиера на 19 август на 30. Филмски фестивал во Сараево, кој ќе се одржи од 16 до 23 август. „Убиј ги прво децата“ во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“, со продуцентите на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев, беше поддржан со 20 милиони денари (325 илјади евра) на Конкурсот во прв рок за 2020 на Агенцијата за филм, а се снимаше во 2022 во Скопје.
Филмот на Оровчанец ќе игра во програмата На отворено (Open Air), во која не се доделуваат награди. Во оваа ревијална програма ќе се прикажат 15 филмови, меѓу кои премиерно и новиот филм на босанскиот оскаровец Данис Тановиќ, како и на Рајко Грлиќ и Срѓан Вулетиќ.
Фестивалот во Сараево е еден од најголемите во регионот, а годинешните лауреати на поесните награди се актерката Мег Рајан, режисерот оскаровец Александер Пејн и актерот Џон Туртуро. Претседател на жирито на главната конкуренција за награди е легендарниот режисер Пол Шредер.
Во „Убиј ги прво децата“ играат Миа Жиро, Стефан Спасов, Мартин Ѓоргоски, Адриан Азири, Александар Ѓоргиески, Стефан Вујисиќ и други. Камерата е на Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Ина Чолак, сценографија на Калина Игновска, монтажата на Софија Самоиловска, а музиката на Игор Василев-Новоградска.
Режисерот Оровчанец, кој во 2003 го сними долгометражниот документарец „Патот на Олга“, изјави дека „Убиј ги прво децата“ е акциона комедија, приказна за тројца тинејџери, една надмена балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот луциден најдобар другар со украден пиштол, кои во едно деноноќие заглавуваат во најтемните лавиринти на криминалното подземје поради погрешно земен телефон, кој содржи компромитирачко видео.
Б. НЕСТОРОСКА