Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“, што се случува во пресрет на денот на раѓањето на великанот на македонската драма на 27 април.
Основањето на оваа фондација е иницијатива на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што Стефановски долги години предаваше, пред да замине во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе учествува и Драмскиот театар во Скопје.
Цели на Фондацијата ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на Горан Стефановски, публикување на објавени и необјавени негови трудови во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.
Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности и поддршка и унапредување на талентирани ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, ќе организира дебати, работилници, семинари и конференции, како и хуманитарни проекти.
Горан Стефановски почина пред пет години на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и други и беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“.