УПОТРЕБИВ 4 ФИЛТРИ ЗА ДА ЈА ДОБИЈАМ ТАА КРВАВО-ЦРВЕНА БОЈА ВО „ЧУДЕСНАТА СУДБИНА НА АМЕЛИЈА ПУЛЕН“, РЕЧЕ КИНЕМАТОГРАФЕРОТ ДЕЛБОНЕЛ ВО БИТОЛА

    УПОТРЕБИВ 4 ФИЛТРИ ЗА ДА ЈА ДОБИЈАМ ТАА КРВАВО-ЦРВЕНА БОЈА ВО „ЧУДЕСНАТА СУДБИНА НА АМЕЛИЈА ПУЛЕН“, РЕЧЕ КИНЕМАТОГРАФЕРОТ ДЕЛБОНЕЛ ВО БИТОЛА„Тој филм ми го промени животот, филмот имаше голем успех“, рече Делбонел денес во Битола. (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    Филмот „Чудесната судбина на Амелија Пулен“ ми го промени животот, вели францускиот кинематографер Бруно Делбонел, годинашен добитник на Златна Камера 300 за животно дело на 45. Фестивал на филмска камера „ Браќа Манаки“ во Битола.

    Делбонел, на денешиот разговор со публиката во киното „Манаки“ во Битола, кажа дека кога пред 25 години го снимале филмот „Чудесната судбина на Амелија Пулен“ со режисерот Жан-Пјер Жене, во тоа време не мислел дека прави нешто посебно, немал такво чувство.

    „Не ме водеше мисла ‘Е сега ќе направам нешто извонредно’. Но, сепак бев среќен во тоа време кога го снимивме филмот. Тоа беше третиот по ред игран филм на кој имав работено. Тој филм ми го промени животот, филмот имаше голем успех. Бев среќен кога го снимивме Тоа беше пред 25 години. Употребив 4 филтри за да ја добијам таа крваво-црвена боја во филмот. Повеќе нема да го правам тоа“, на шега рече Делбонел.

    Тој кажа дека кога би требало сега да го сними истиот филм, воопшто не би го снимил на истиот начин. Но, поентата е, како што додаде, да се расте, да се созрева и да не се прават истите работи повторно.

    „Ако филмот е добар, сите го слават режисерот и кинематограферот, но ако филмот не е добар, тогаш велат дека режисерот не чини, а кинематограферот никој не го спомнува и тоа е добро“, се пошегува Делбонел.

    Делбонел беше лауреат на Специјалната златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на „Браќа Манаки“ во 2011.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира