УШТЕ 15,5 МИЛИОНИ ЕВРА ТРЕБА ВЛАДАТА ДА ПЛАТИ ЗА ФИЛХАРМОНИЈАТА

    УШТЕ 15,5 МИЛИОНИ ЕВРА ТРЕБА ВЛАДАТА ДА ПЛАТИ ЗА ФИЛХАРМОНИЈАТАИзградбата на Филхармонијата чини околу 32,7 милиони евра, а неисплатени се уште 15,5 милиони. Елизабета Канческа Милеска како тогашен министер за култура на 21 мај зборува на отварањето на Филхармонијата(Фото: СДК.МК)

    Околу 15,5 милиони евра треба да се доисплатат за изградбата на новиот објект на Македонската филхармонија, потврди денеска Министерството за култура. Изградбата на Филхармонијата чини околу 32,7 милиони евра.

    Министерството за култура, додека министерка беше Елизабета Канческа Милевска која на 21 мај ја отвори концертната сала, на изведувачите исплатилo околу 17 милиони евра. Новото раководство на Министерството треба да доисплати уште околу 15,5 милиони евра или околу половина од вкупната сума.

    Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека за изградбата на Филхармонијата биле склучени договори со градежната фирмата „Гранит“ која треба за 5,7 милиони евра да ги изведе градежните работи, и со австриската фирма „Штрабаг“ која за 27 милиони евра треба внатрешно да го уреди објектот. До први јуни на „Гранит“ му се исплатени 4,8 милиони евра, и кон оваа градежна компанија Министерството има долг од уште 900.000 евра. На австриски „Штрабаг“ му се исплатени 12,6 милиони евра, односно треба да се платат уште 14,4 милиони евра.

    „По ребалансот, на салдото на Министерството за култура за оваа намена оставени се околу 100.000 евра, останатите обврски се пренесуваат за наредната година“ велат од Министерството за култура.

    Објектот на Македонската филхармонија сѐ уште нема употреба дозвола иако свечено отварање беше на 22 мај по инсистирање на власта во заминување на ВМРО-ДПМНЕ. Министерството за транспорт и врски вели дека на 19 јуни го одбило барањето на Министерството за култура за издавање одобрение за употреба, бидејќи била доставена некомплетна документација.

    Изградбата на Филхармонијата, како што ни изјави вчера в.д. директорот Виктор Илиески, е во завршна фаза, се привршуваат финалните работи во целиот објект, а се тестираат и сите системи во објектот. Концертната сезона ќе доцни бидејќи не се знае кога објектот ќе добие употреба дозвола. Илиески вели дека кога ќе се формира Комисија за технички прием од Министерството за транспорт и врски и кога ќе имаат зелено светло ќе се објави програмата за сезоната 2017/2018. Дотогаш Филхармонијата нема да одржува концерти, односно нема да го користи просторот на Домот на Армијата, туку ќе се чека според сите законски прописи да биде пуштен објектот во употреба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира