Претставата „Кафез кај кокони“ во режија на Димче Николовски, по текст на францускиот автор Жан Пуар, премиерно ќе се изведе утре во 20 часот во Драмски театар во Скопје. Претставата не се препорачува на лица помлади од 18 години.
Преводот е на Радмила Јорданова и Благоја Бошковски-Буцко, адапатација на Александра Бошковска, Благоја Бошковски-Буцко, изборот на музика е исто така на Бошковска и Бошковски-Буцко.
Бошковска вели дека француската фарса „Кафез кај кокони“ (“La cage aux folles”) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Додава дека мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери, ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2.000 репризи.
„И покрај тоа што е изградена врз база на одредени стереотипи, пиесата како и сите нејзини адаптации, има важна улога во кршењето на бариерите и предрасудите за тоа како се претставуваат и прифаќаат луѓето со поинаква сексуалност. Сместена во Сен Тропе, во веселите 1970-ти, претставата сака да ви прикаже дека педесет години потоа, овие прашања се сѐуште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост“, велат од Драмски.
Улогите во „Кафез кај кокони“ ги играат: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и во улогата на Саломе – Бранко Атанасов.
Сценографијата е на Николовски и Бошковски-Буцко, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати-Кери.
Б. НЕСТОРОСКА