Голема ретроспективна изложба на Димитар Кондовски, еден од темелните сликари на македонската современа уметност, се отвора в четврток (20ч) во Националната галерија – Даут пашин амам. По 30 години, ова е прва изложба на Кондовски кој почина во 1993.
Ретроспективната изложба за творештвото на Кондовски ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност.
„Димитар Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Од овие причини, целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот“, вели вели кураторот на изложбата Емил Алексиев.
Кондовски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952, во 1958 бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 работел како професор по ликовно воспитување во Скопје, од 1956 до 1960 како илустратор, а од 1960 до 1972 бил слободен уметник. Од 1972 до 1980 бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работи до 1987. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Автор е на голем број тетарски и телевизијски сценографии (над двесте сценографски решенија за телевизиски емисии, за драми, за балетски и оперски претстави), а има опремено и неколку стотици публикации, со повеќе од две илјади илустрации. Еден е од основачите на групите Денес и Мугри. Излагал самостојно во земјава како и во Њујорк, Торонто, Сиетл, Рим, а и на околу двесте групни изложби во земјата и во странство.
„Својата творечка дејност Кондовски ја надоврзува на две значајни насоки по кои се движи и денес ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција. Таа својот особен израз ќе го најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, геометриските модули и канони за одредувањето на пропорциите. Втората детерминанта што го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Во неговите дела знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој уметноста ја разбира како херменевтика, како откривање на шифрата на светот, како пронаоѓање на тајниот клуч на универзумот. Од почетокот на шеесетите години на 20. век интересот на Кондовски за портретното сликарство се разгранува во две главни насоки – салонски портрет, работен во слободен академски стил и портрет работен со конструктивистичка постапка која ја обединува фигурацијата и апстракцијата преку декоративниот орнамент, каде припаѓаат и сликите со религиска тема (претстави на светители) и автопортретот. Напоредно со овој главен тек во творечката дејност на Кондовски постојано се јавуваат и разграноци кои во неправилни изблици ја изразуваат неговата потреба да се враќа кон класичниот ликовен израз и ликовната традиција“, вели кураторот Алексиев.