„’Варвари’ од Максим Горки е моја последна претстава во Македонскиот народен театар (МНТ). Тоа е запишано кај мене. Имав обврска да ја направам оваа претстава“, рече режисерот Владимир Милчин на денешната прес-конференција пред утрешната премиера на претставата во 20 часот.
Делото „Варвари“ за првпат се поставува на театарска сцена во Македонија. Напишана во 1906, драмата на Горки се занимава со длабоки социјални и морални конфликти на почетокот на 20. век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок.
„Во Скопје живеам на улица која се сече со Максим Горки. Тоа има некоја симболика дека човекот кој со својата посветеност на правдата платил не само со својот живот, туку и со животот на својот син. Неговиот син е убиен од шефот на НКВД, Комесаријат за внатрешни дела или по наше МВР, во Русија, по револуцијата. Максим Горки долго беше премолчан таму, и не е случајно што практично оваа драма не е одиграна ни на руски ни во земјата во која авторот живеел пред да мора да се пресели во Италија за да преживее, за да не биде убиен. Ова го кажувам оти приказната за Горки се третира како тој да бил со ‘црвените’ и му било мед и млеко. Не му било мед и млеко ни нему ни на неговото семејство. Јас тоа го чувствував како обврска, оваа драма да се постави зашто таа не е умрена драма. Таа сѐ уште има што да ни каже. За тоа дека е неопходна солидарност меѓу луѓето за да можат полесно да преживеат, кога ќе се најдат под каков да е притисок, дека молчењето не е злато, напротив итн итн. Претставата ќе има публика која сака да се соочи со тоа дека актуелноста на драмата ‘Варвари’ треба да нѐ потсети дека не живееме во совршен свет. И дека овој свет во кој живееме треба да се поправа, а за да се поправи тоа, театарот треба да ја одигра својата улога, општествена“, рече Милчин.
Во претставата играат 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов.
Голем дел од актерската екипа се поранешни студенти на Милчин, кој беше професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).
Михајловски рече дека смета оти варварството не престанало, постои и ден денес во нас, кој како ќе го исконтролирал и едуцира тоа и ќе го испорача надвор. Тој игра лик на млад инженер, Черкун, заедно со Ристановски, кој го толкува ликот на постариот инженер. Черкун е селанец, кој успеал да заврши школо во тоа време и се етаблирал во високото друштво.
„Но, секогаш го задржал непосредното, руралното во себе. Директно ги кажува работите, обландирано со образованието кое го стекнал со годините. Не грубо, како што тоа би го рекле на село, но непосреден лик. Ликот на Черкун ми наметна една дилема, тој кажува дека знаењето е поважно од моралот. Колку слатко Горки да го напишал тоа, за мене моралот сѐ уште е поважен од знаењето, а баш заради тоа што знаењето го туркавме пред моралот, стигневме до таму каде што сме денес. Што ќе рече дали е побитно да сретнете човек со високи, големи како планина дипломи, а со морал и етика нука, или да сретнете човек без образование, а со морал и етика големи како планина? Оаа дилема ми ја наметна ликотво овие девет месеци работа“, кажа Михајловски.
Голем дел од актерите емотивно реагираа на првичната изјава на Милчин дека ова му е последна претстава, по што тој се коригираше и рече дека му всушност претпоследна, бидејќи му останува уште на друго место да прави претстава.
„Не знаев дека толку емотивно ќе го доживеам ова, не знаев дека тој ќе ја прави последната претстава и јас ќе играм во неа, заедно со моите колеги и мојот син, кој исто така дипломираше кај него, 20 години после мене. Многу емотивно за мене, се воздржувам да не пуштам крик“, кажа тој.
Според Михајловски, „Варвари“ е задоцнета претстава во Македонија, таа требала многу порано да се направи.
„Иако сум поборник дека театарот не треба да испраќа пораки, за тоа служат смс, мејл, протест, прес-конфренција. Театарот е за забава, а ‘Варвари’ е доста забавна претстава. Во неа ќе препознаеме дека многу малку сме се промениле, само сме се замаскирале во 21 век. Мислам дека ќе биде една претстава, репрезент на ансамблот на МНТ, ретки се ваквите претстави, ни го менуваат бифето, кое го немаме. Ова е нешто како тим-билдинг за театарот“, кажа Михајловски.
Сценографијата е на Беди Ибрахим, а костимите, над 80, се дело на Марија Папучевска. Преводот на текстот го направија Ема Марковска-Милчин и Владимир Милчин, асистентка на режисерот е Шенај Мандак, асистенти на сценографот се Бојана Исијанин и Мартин Манев, асистентка на костимографот е Ангела Богеска, а изборот на музиката е на Владимир Милчин.
По премиерата, првата реприза е на 14 ноември.
Б. НЕСТОРОСКА




