ВАСИЌ, ВАСЕВА И КОКАЛАНОВ ДОБИЈА ПАРИ ЗА ПРОЕКТИ, ИАКО ЧЛЕНУВАА ВО КОМИСИИТЕ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ВАСИЌ, ВАСЕВА И КОКАЛАНОВ ДОБИЈА ПАРИ ЗА ПРОЕКТИ, ИАКО ЧЛЕНУВАА ВО КОМИСИИТЕ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАТони Васиќ (прв од десно) на вчерашната презентација на Годишната програма на Министерсвото за култура, во својство на претседател на Комисијата за ликовна дејност, архитектура и дизајн (Фото: МИА)

    Уметникот Тони Васиќ, историчарката на уметност Ивана Васева и драматургот и новинар Сашо Кокаланов се меѓу лицата чии проекти ќе добијат пари од државата, а самите беа членови на комисиите кои одлучуваа за проектите во Годишната програма на Министерството за култура.

    Министерството за култура вчера ја објави годишната програма за одобрени проекти, со објавени членови на комисии и износ на пари, колку барале а колку добиле институциите. Според министерот Роберт Алаѓозовски, на конкурсот пристигнале вкупно 5.018 пријави, а поддржани се над 50 отсто од сите пристигнати апликации.

    Како што е објавено на интернет-страницата на Министерството, предлозите во ликовната дејност, архитектура и дизајн ги разгледувала комисијата во состав: професорот Тони Васиќ – претседател и членовите Нада Пешева и Наиле Дормиши.

    Васиќ добил пари, колку што побарал, 58 илјади денари, за проект во категоријата Меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО. Тој е еден од шестмината уметници кои ќе престојуваат во Ателјето Сите дез ар во Париз, Франција, како дел од проектот Париз-Меѓународен град на уметностите.

    Предлозите за оваа категорија, за меѓународна соработка и за соработка со УНЕСКО, ги разгледуваше комисијата во состав: Анита Ивковиќ – претседател и членовите Петрит Незири и Ивана Васева.

    Ивана Васева е кураторка и кокураторка на 12. Биенале на млади уметници во организација на Музејот на современа уметност (МСУ), кое ќе се отвори на 28 месецов (Фото: Фејсбук – Биенале на млади уметници)

    Васева е поддржана во категоријата за ликовна дејност, архитектура и дизајн – други корисници, со проектот со работен наслов „Случајности, пропуштени и невозможни вистини: колекцијата како отпор на постојаноста“ . Проектот ќе биде претставен во Националната галерија на Македонија – Даут пашин амам, а Васева ќе добие 60 илјади денари, иако побарала 622 илјади денари.

    Васева е програмска директорка и кураторка на фестивалот за современи уметности „Поп ап АКТО акција“, во организација на ФРУ – Факултет за работи што не се учат, Битола, кој во нововостановената програма за интердициплинарни проекти, е поддржан со 500 илјади денари, а биле побарани 2 милиони и 680 илјади денари. За истиот проект, кураторката ќе добие 80 илјади денари од Град Скопје, во програмата за визуелни уметности и уметноста на новите медиуми. Во октомври лани, фестивалот „Поп ап АКТО акција“ беше поддржан со 600.000 денари од конкурсот за манифестацијата „Нов културен бран“.

    Новинарот, колумнист и драматург Кокаланов лани го издаде четвртиот роман „Ние сме лудаци“ (Фото: Призма)

    Писателот и новинар Сашо Кокаланов е член на комисијата за издавачката дејност и литература, покрај Оливера Ќорвезироска (претседател) и Ханид Хајрулаху.

    Кокаланов е драматург на претставата „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ според романот на Ѕвездан Георгиевски, во режија на Филип Херин. Оваа претстава е поддржана во програмата за драмска дејност – други автори со 250 илјади денари, а биле побарани 1 милион 202 илјади денари. Претставата е во продукција на „Филип Херин од Скопје“, во режија на Херин а ќе се игра во „Кино Култура“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира