ВАЖНО Е МЛАДИТЕ ДА ГЛЕДААТ ПАМЕТНИ ФИЛМОВИ ЗА ДА НЕ СКРШНАТ ВО НАЦИОНАЛИЗАМ, ВЕЛИ ЈАСНА ЃУРИЧИЌ, ЅВЕЗДАТА НА БОСАНСКИОТ ФИЛМ ЗА СРЕБРЕНИЦА

По премиерата во Венеција и номинацијата за Оскар за најодбар странскии филм, босанскиот филм „Quo vadis, Aida?“ во режија на Јасмила Жбаниќ вечерва игра на Синедејс во Скопје.

    ВАЖНО Е МЛАДИТЕ ДА ГЛЕДААТ ПАМЕТНИ ФИЛМОВИ ЗА ДА НЕ СКРШНАТ ВО НАЦИОНАЛИЗАМ, ВЕЛИ ЈАСНА ЃУРИЧИЌ, ЅВЕЗДАТА НА БОСАНСКИОТ ФИЛМ ЗА СРЕБРЕНИЦА„Нашиот филм, меѓудругото, говори за тоа дека војната е најстрашната работа која може да му се случи на човекот и дека во војна сите губат“, вели Ѓуричиќ. (Фото: Приватна архива)

    Српската актерка Јасна Ѓуричиќ, со богата кариера во театар, филм и ТВ,  ја игра насловната улога во босанскиот филм „Кво вадис, Аида?“ („Quo vadis, Aida?“) за масакрот во Сребреница, во режија на Јасмила Жбаниќ. Филмот помина одлично кај критиката по ланската премиера на Венецискиот филмски фестивал, беше номиниран за најдобар странски филм на годинашните Оскари, а вечерва игра на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје. Проекцијата е закажана за 20:30 часот во Градскиот парк, на тревникот зад споменикот на Гоце Делчев.

    Ѓуричиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК говори за подготовките за улогата на Аида и снимањето на филмот. Дејството се случува во јули 1995 за време на војната во Босна, а Ѓуричиќ ја игра Аида ,која е преведувачка за ОН во гратчето Сребреница. Кога српската војска го зазема гратчето, нејзиното семејство е меѓу илјадниците граѓани што бараат засолниште во кампот на ОН. Како инсајдер при преговорите, Аида има пристап до многу важни информации што треба да ги преведе.

    „Подготовките за улогата на Аида беа навистина темелни и долго траеја. Имав повеќе од една година, полека, сама со себе, да истражувам сѐ што постои во врска со Сребреница. Особено периодот од 1992-1995 година, но и за Сребреница, пред и после војната. После тоа, дојде период на сериозни, актерски подготовки со режисерката Жбаниќ и останатите глумци. Темата е особено чувствителна и сериозна и од сите нас бараше целосна посветеност. Во тоа време, поточно во јули 1995, повеќето од луѓето во Србија не знаеја ништо што се случува во Сребреница, па ни јас. Живеевме под информативна, економска и културна блокада. Бевме егзистенцијално загрозени и вистината до нас дојде многу подоцна“, вели 55-годишната Ѓуричиќ.

    Најтешките односно најемотивните сцени во филмот, вели таа, иако можеби ќе звучи чудно, се најлесно, најбрзо снимени.

    Дејството се случува во јули 1995 за време на војната во Босна, а Ѓуричиќ ја игра Аида, преведувачка за ОН во малото гратче Сребреница. – Сцена од филмот

    „На пример, сцената за идентификување на фамилијата на Аида ја работевме на крајот на снимањето, кога веќе бевме длабоко навлезени во темата, натопени со таа страшна приказна, и еден потег беше доволен. Тој прв и единствен обид е во филмот. За мене лично, тешко беше да се носи таа емотивна тензија четириесет и нешто денови“, вели таа.

    За реакциите на критиката и публиката за оваа чувствителна тема, особено за Балканот, Ѓуричиќ вели дека премиерата во Венеција била величевствена, не поради гламурозноста на фестивалот, туку поради приемот на филмот.

    „Реакциите на публиката и стручната јавност беа повеќе од фантастични и, всушност, на тој фестивал и ја добивме првата официјална потврда дека сме направиле голем, значаен филм кој ги преминува границите и допира директно до сечие човечко срце на планетава“, вели Ѓуричиќ.

    После Венеција, пристигнувале одлични рецензии, награди и пофалби од разни фестивали, и после номинацијата за Оскар, вели таа, на сите им беше јасно дека„Кво вадис, Аида?“ е филм кој мора да се види.

    „Наградите доаѓаат и уште долго ќе доаѓаат, затоа што филмот само што го почна фестивалскиот живот, но најголема награда за мене е што ќе го видат многу луѓе“, додава актерката.

    Актерот Борис Исаковиќ, режисерката Јасмила Жбаниќ, Јасна Ѓуричиќ и Рејмонд Тири на прес-конференција пред премиерата на „Кво вадис, Аида?“ на 3 септември 2020 во Венеција. (Фото: АФП)

    ЈНа прашањето зошто смета дека овој филм особено треба да го види младата публика, таа вели дека во последно време, често има впечаток дека овој свет скршнува во десно, во радикалност, национализам. Со пандемијата, вели, работите уште толку се влошија.

    „Интернетот е преплавен со навистина сомнителни содржини, теории на заговор и имам впечаток дека младиот човек, всушност човекот воопшто, е сосем изгубен и збунет од сите тие луди ситуации, а културниот, духовниот развој на човекот е целосно запоставен, неважен, а е најважен. Нашиот филм, меѓудругото, говори за тоа дека војната е најстрашната работа која може да му се случи на човекот и дека во војна сите губат. Не се занимава со пропаганда или ситно политиканство, туку има приказна за тоа колку како луѓе заостанавме, говори за луѓе и нелуѓе, за љубов, за човековото страдање и за простувањето. Затоа е важно младите луѓе да гледаат паметни филмови, да консумираат паметни содржини кои обработуваат сериозни теми и настани на вистински начин, т. е. објективно. Затоа што, вистинската уметност најбрзо стигнува до човечкото срце и низ емоциите го објаснува необјаснивото“, вели Ѓуричиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира