Краткиот филм „Северен пол“ на режисерката Марија Апчевска-Петровска вечерва во Паркот на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе ја има скопската премиера, во 20 часот. Ова беше првиот македонски филм што влезе во официјална конуренција за Златна палма на Канскиот фестивал. Од 4.000 филмови, влезе меѓу десетте што се бореа за оваа престижна награда. Македонската премиера беше минатата недела на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
„Темите што ме интересираат се недостаток на комуникација на младите кој е поврзан со темата на идентитет, кои сме и каде сакаме да бидеме, а кои се наметнати норми. Би сакала да создавам филмови кои создаваат прашања кога ќе заврши филмот и ја оставаат публиката си некое чувство на недореченост. Верувам дека филмот како уметност е дијалог меѓу публиката и авторите“, рече Апчевска во Битола.
Пред Битола, филмот беше прикажан и во Сараево и на фестивалот Конкорто во Пјаченца, Италија.
По скопската проекција, како што велат од продукцијата „Кино око“, следуваат учества и во официјалните селекции на фестивалите во Тирана, Рекјавик, Батуми и други.
Главните улоги ги играат: Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, костимограф Билјана Гргур, сценограф Кирил Спасески, монтажер Драган Вон Петровиќ, шминка Горан Игњатовски, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков.
Филмот е во продукција на „Кино око“ во копродукција со „Сервиа филм“ и „Форгрејд“ од Србија и „Тиволи продукција” од Унгарија. Снимен е со пари од Агенцијата за филм на Северна Македонија и Српскиот филмски центар.
Б. НЕСТОРОСКА