ВЕЛИМИР ЖЕРНОВСКИ ЈА ПРЕОБЛЕЧЕ СКУЛПТУРАТА „ПИЕТА“ ВО МАТЕРИЈАЛ ЗА ВСЛЕНСКИ МИСИИ ЗА ДА Ѝ ДАДЕ НОВО ЗНАЧЕЊЕ, ВЕЛАТ КУРАТОРИТЕ ПРЕД ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ

    ВЕЛИМИР ЖЕРНОВСКИ ЈА ПРЕОБЛЕЧЕ СКУЛПТУРАТА „ПИЕТА“ ВО МАТЕРИЈАЛ ЗА ВСЛЕНСКИ МИСИИ ЗА ДА Ѝ ДАДЕ НОВО ЗНАЧЕЊЕ, ВЕЛАТ КУРАТОРИТЕ ПРЕД ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕЖерновски во своето дело ја обвиткува препознатливата „Пиета“ од Микеланџело со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар-повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија, обложен со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. (Фото: МСУ)

    Инсталацијата „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, создавајќи нови етички сензибилитети, велат кураторите Тихомир Топузовски и Аманда Буткез  за проектот кој ќе ја претставува Македoнија на Венециското биенале на уметноста.

    Жерновски во своето дело ја обвиткува препознатливата скулптура „Пиета“ од Микеланџело со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар-повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија, обложен со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина.

    Кураторите велат дека уметникот со овој материјал повторно ја облекува „Пиета“ за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.

    „Вниманието повеќе не е насочено само кон човечката фигура, туку се проширува кон кревките релации, неизвесните иднини и споделените состојби на изложеност на ургентноста. Под рефлектирачките набори на прекривките, фигурите се појавуваат и исчезнуваат, сугерирајќи протејска трансформација. Состојбата на ургентноста е катализатор на промената. Во денешниот обеспокоен свет делото на оплакувањето бара безграничен хоризонт каде жалењето не е крајна точка, туку генеративен процес што доведува до нови релации и одговорности“, велат кураторите.

    Носител на проектот на Жерновски е Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ), куратори на проектот се  Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада. (Фото: МСУ)

    Шеесет и првото издание на меѓународната уметничка изложба ќе се одржи од 9 мај до 22 ноември 2026. Македонскиот национален павилјон ќе биде сместен на локацијата „Спацио Кастело 77“ на влезот во Арсенале.

    Носител на проектот е Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ), куратори на проектот се Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили, директор на МСУ.

    Доделувањето на наградите и отворањето на главната изложба на Биеналето ќе се одржат на 9 мај. Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ (In Minor Keys), чиј куратор е Којо Куох, која почина пред една година. Со поддршка од нејзиното семејство, Биеналето одлучило да ја реализира нејзината изложба токму како што таа ја замислила и дефинирала, од тимот кој таа сама го избрала.

    На изложбата ќе се претстават 110 уметници од целиот свет, а во рамките на Биеналето, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.

    Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Македонија за првпат самостојно се претставила во 1993.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира