Дваесет и пет годишниот тапанар Виктор Филиповски е првиот добитник на наградата Златен орикс за најдобар млад џез музичар, што Скопскиот џез фестивал (СЏФ) ја воведува од годинава. Директорот на СЏФ Оливер Белопета, најавувајќи ја програмата за годинашното 36. издание кое почнува в четврток, денеска рече дека наградата на Филиповски ќе му биде врачена во вторник во 20,30 часот во скопскиот кафе-бар „Винил“.
СЏФ ќе трае до 22 октомври, а и годинава носи aктуелни и врвни имиња
во џез музиката од САД, Европа и од Африка. Ексклузивно, за единствен европски концерт, од Чикаго доаѓа Ди Александер, една од најдобрите џез пејачки во светот. Истата вечер ќе настапат две легендарни имиња од САД , Марк Рибо со проектот „Јанг филаделфианс“ и Стив Колмен со легендарните „Фајв елементс“ .
Од Норвешка ќе гостуваат два големи ансамбли, „Трондхајм џез оркестра“ со Оле Мортен Ваган и Пал Нилсен-Лав со „Ларџ јунитс“ .
Еден од најдобрите светски џез пијанисти Крег Тејборн ќе настапи со својот квартет. Организаторот најавува дека ќе ги видиме и двете надежни европски трија, триото на Давид Хелбок и „Интерзоне“ на Марио Ром.
Од СЏФ најавуваат и два полноќни концерти со афро-бит легендите Орландо Џулиус и „Хелиоцентрикс“ и Ентони Џозеф со својата група. Соло настап ќе има и големото име на италијанскиот џез – Роберто Отавиано.
За четирите главни вечери (19-22 октомври), концертите ќе се одржат во Македонската опера и балет (МОБ) во 20 часот. На втората и третата вечер (20, 21 октомври), полноќните концерти ќе се одржат во Младинскиот културен центар (МКЦ), во Денсинг салата . Четвртиот ден има попладневен концерт во Кино Фросина(МКЦ) од 17 часот.
Оваа година има и посебна дополнителна програма составена од проекции на два документарни филма и една мултимедијална презентација. Презентацијата на Ичо Видмар „Нова музика во Њујорк“ и проекцијата на документарниот филм „Џез мансардата според В. Јуџин Смит“ (The Jazz Loft According to W. Eugene Smith) ќе се одржат во кино Фросина (МКЦ), на 21 октомври во 15 и во 16 часот.
Проекцијата на филмот „Диксиленд “ (програма за млади) е во соработка со фестивалите Џифони и Македокс и ќе се одржи во кино Фросина (МКЦ), на 20 октомври во 12 часот.
Билети се продаваат во: „Југотон рекордс“, МОБ, МКЦ и мктикетс.мк .
За трите настани од дополнителната програма, влезот е слободен.
Б. НЕСТОРОСКА