ВЛАДАТА СО ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА КУЛТУРА ГИ НАЛУТИ НАЈЕВРОПСКИТЕ КУЛТУРНИ РАБОТНИЦИ, ВЕЛИ НЕЗАВИСНАТА СЦЕНА

    ВЛАДАТА СО ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА КУЛТУРА ГИ НАЛУТИ НАЈЕВРОПСКИТЕ КУЛТУРНИ РАБОТНИЦИ, ВЕЛИ НЕЗАВИСНАТА СЦЕНАМирко Попов, Рисима Рисимкин, Биљана Тануровска-Ќулавковски и Виолета Качакова денес ја презентираа иницијативата „Културата е насловната страна на секое општество“ поттикната од резултатите од Годишната програма проекти од национален интерес во културата за 2019 година (Фото: К. Попов)

    Повеќе културни организации од независната сцена се здружија под иницијативата „Културата е насловната страна на секое општество“ поттикната од резултатите од Годишната програма проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

    Зад иницијативата стојат: Локомотива – Центар за нови иницијатива во уметноста и културата, Театар на Навигатор Цветко, Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, Факултет за работи што не се учат (ФРЧУ)/ АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар и „ПМГ Рекордингс“.

    Режисерот Слободан Унковски и драматургот Русомир Богдановски на денешната конференција на „Културата е насловната страна на секое општество“ (Фото: К. Попов)

    „Реакции и негодувања по Годишната програма отсекогаш имало, нормално не можат да бидат сите задоволни. Последната Годишна програма е одлика не само на министерот за култура, туку на целата Влада. Не знам како не ѝ е јасно на една Влада, која ете полека нѐ внесува во светските и европските интеграции дека со ваква програма ги изнервира најевропските културни работници, највидливите луѓе“, рече на денешната прес-конференција Мирко Попов од „ПМГ рекордингс“.

    „Ние, долгогодишните културни оператори со големо влијание во развојот на современата уметничка сцена, покренуваме инцијатива за промена на ваквиот третман кон културата и уметноста и конечна разврска и решавање на проблемите со кои културните работници во државава се соочуваат“, вели Биљана Тануровска-Ќулавковски од Локомотива.

    Тие бараат средба со премиерот Зоран Заев, со министерот за култура Асаф Адеми, со советничката за култура на премиерот Цветанка Ласкова и со Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

    Организациите бараат: транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности, воспоставување на нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување, зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програма и финализација и ставање во функција на новиот закон за јавен интерес во културата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира