Ретроспективната изложба на скулпторот Ангел Димовски-Чауш насловена „50 години творештво“ ќе се отвори вечерва во 19:30 часот во Чифте амам во Скопје, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ).
Делата на Димовски- Чауш, кој живее на релација Македонија-Франција, творени во текот на изминативе педесет години, имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини. Куратор е Љупчо Маленков, а соработник куратор е Горанчо Ѓорѓивески, кустос во Националната галерија.
Кураторите велат дека на стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како спој на инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок културата.
„Во таа смисла, скулптурите на Ангел Димовски-Чауш припаѓаат на модернистичко авангардната линија кој исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело-лушпа во активност. Во неговите дела се препознаваат главниот мотив – жената и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни“, велат кураторите.
Другата целина ја претставуваат сликарско-скулпторски објекти со критичка ангажираност на конкретни актуелни состојби, случувања и процеси во екологијата, политиката, културното наследство, националниот идентитет, сообраќајната (не)култура.
Третата целина е омаж за писмото/јазикот, за описменувачите и јазичните кодификатори на старословенската глаголица и кирилица, и на современиот македонски јазик, додека четвртата целина е своевиден омаж на т.н. примитивизам на црнечката скулптура споена со сензибилитетот на поп и рок културата, на која и припаѓа уметникот од времето на неговата младост.
Изложбата ќе трае до 20 февруари.
Б. НЕСТОРОСКА