Организаторот на Д Фестивал, што изминатиот викенд се одржа во Дојран, го забрани јапонскиот филмски класик „Во царството на сетилата“ на легендарниот режисер Нагиса Ошима, што во неделата беше на програмата во делот за дебати што ги водеше дебатното кино „Контра кадар“. Организатор на популарниот фестивал на отворено е „Пасворд продукција“.
„Организаторите на Д Фестивал, поради голотија и сексуално експлицитни сцени на сред прекција ни го исклучија филмот!“, соопшти денеска „Контра кадар“ на својата Фејсбук страница, и појаснија дека тие ја доставиле програмата околу една недела пред почетокот на фестивалот, и немало спор околу неа. Тие велат и дека откако била прекината проекцијата, немало јасна реакција од публиката.
„Пасворд продукција“ не беа достапни за коментар.
„Во царството на сетилата“ наградуваниот филм на Нагиса Ошима што излезе во 1976 и веднаш стекна култен статус како еротски арт класик, е измислена и сексуално експлицитна обработка на инцидент што се случил во 1930 во Јапонија, познат како приказната на Сада Абе. Уште по премиерата стана контроверзен по тоа што има сцени на вистински, несимулиран секс меѓу актерите Тацуја Фуџи и Еико Мацуда, а меѓу другите е и култната сцена во која мажот става лупено варено јајце во вагината на жената. Филмот во тоа време кусо беше цензуриран во верзиите за кино и фестивалски прикажувања, но неколку години подоцна оригиналната авторска верзија стана дел од репертоарите не само на арт туку и на меинстрим кината, како и на арт видео колекциите на најголемите светски издавачи.
Во Скопје во осумдесеттите години на минатиот век оригиналната верзија на филмот играше на редовен репертоар во киното „Култура“, а скратената беше прикажувана повеќепати и на МТВ.
Нагиса Ошима, пак, за Македонија го врзува и фактот дека беше во жирито на фестивалот во Венеција 1994, кога победи „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
„Не е валкано тоа што е покажано, валкано е тоа што е скриено, рекол Нагиса Ошима. Стварно историјата се повторува, навистина е циклична! Авторот на филмот „Во царството на сетилата“ Нагиса Ошима, го направи ова дело како една суптилна критика и социјален протест против репресивната влада и социјално конзервативната култура во поствоена Јапонија. И еве денес (во паланката), дочекавме на ’алтернативен’ фестивал кој треба да генерира каква-таква авангардна енергија да биде прекинат еден од најдобрите филмови во историјата на киното. Во овој филм, актерите не се само сексуални објекти, не се дехуманизирани, напротив – нивната страст која се сфаќа како политички акт го движи филмот. Исто така, може да се види по монтажата која е генијално направена дека филмот не претендира да ги годи ’ниските страсти’. И по режијата, по сценариото, и посебно тоа се гледа по кинематографијата! Филмот не се фокусира на сексуални детали, филмот не се фокусира на сексуални перформанси, не е филмот холивудско порно. „Во царството на сетилата“ е порно (по ваши критериуми порно)“, напиша на Фејсбук „Контра кадар“ објавувајќи дека дојрански Д Фестивал го забранил филмот.