ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СНИМААТ ПЛОЧИ ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО, КАЖА ТОШО ФИЛИПОВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА СВОЈАТА НОВА КНИГА

    ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СНИМААТ ПЛОЧИ ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО, КАЖА ТОШО ФИЛИПОВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА СВОЈАТА НОВА КНИГАФилиповски со промотерите на книгата Ѕвездан Георгиевски и Бранка Костиќ-Марковиќ (Фото: СДК.МК)

    Од плочата на Оркестарот на Радио Скопје до годинава реиздадениот албум на „Санс“, долгогодишниот музички новинар Тошо Филиповски направи селекција од 333 винилни изданија на македонски музичари и групи, за да го создаде своето второ капитално дело „Македонска дискографија-винили 1958-2019, прв том“, што синоќа беше промовирано во паркот зад Младински културен центар во Скопје.

    Авторот на „Македонската рок енциклопедија“, објавена лани во мај, овојпат се фокусираше на само еден музички медиум, за кој кажа дека му е фетиш, страст и љубов и јавно ѝ се извини на својата сопруга ако понекогаш троши премногу пари на тоа.

    Опишана како фасцинантна по многу параметри, монографијата на Филиповски на 480 страници ни ги открива вистинските размери на музичкото творештво на овој мал простор, иако бевме единствени во поранешна Југославија кадешто не се правеле плочи.

    „Ме фати некој инает, некоја лудост, да покажам што сѐ било создавано и сметам дека тоа треба да им се остави на идните генерации. За жал, досега не сме имале ваков материјал за да можеме да се надградуваме и полемизираме и веројатно ќе најдете милион грешки во книгата, но навистина се трудев да дојдам до најточното нешто“, вели Филиповски.

    Тој додава дека повторно бил субјективен во изборот на тоа што треба да влезе во книгата.

    „Понекогаш ми беше тешко да проценам дали некој припаѓа на македонската дискографија и тука најважен критериум ми беше музичарот да е комплетен автор на албумот. Исто така, мене не ми се блиски поп, фестивалската, шлагерската, па дури и електронската музика, но не можев да го игнорирам фактот дека во нив има сериозна продукција на плочи, па вклучив некои од нив во книгата“.

    Во ерата на стримувањето и даунлодирањето, многумина би помислиле дека винилот е мртов и нема иднина, но бројките го демантираат тоа.

    „Во Македонија сега се снима повеќе од кога било. Лани беа издадени 30-ина плочи, најмногу во една година од 1958, а досега оваа година веќе ги има преку десет и само јас спремам уште три“, вели Филиповски, најавувајќи и нови книги.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира