„Три генерации Ташковски“ е насловена изложбата која ќе се отвори вечерва во 19 часот во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Ќе се изложат дела на Ристо Ристовски, кој е татко на академик Владо Ташковски, негови дела како и од неговата ќерка Лара Ташковска.
Ристовски е роден 1912 во Нижополе, Битола, починал во 1989. До јули 1928 се занимава со земјоделие, а од август истата година учи шеќерџиски занает во Скопје во бонбонџиската работилница Европа.
Со сликарство активно почнува да се занимава од септември 1976 до јуни 1982. Во тој период насликал 314 слики во техника темпера. Имал изложби во Скопје, Охрид, Битола, учествувал на групни изложби во Кавадарци, Гевгелија, Куманово, Скопје.
Академик Васко Ташковски, син на Ристо Ристовски, е роден 1937 во Нижополе, Битола. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград 1964. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика.
Има реализирано 52 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на 18 награди и признанија.
Лара Ташковска е трета генерација сликари после нејзиниот дедо Ристо Ристовски и нејзиниот татко,
академик Васко Ташковски. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности-Скопје на отсекот сликарство. Работи во техниките масло, акрил и акварел.