ВО МНТ ЌЕ РЕЖИРААТ МАНДИЌ-РИГОНАТ, ВИТОШЕВИЌ, УНКОВСКИ И МАНДАК, ТЕАТАРОТ ДОБИ БУЏЕТ ОД НАД 230 ИЛЈАДИ ЕВРА

    ВО МНТ ЌЕ РЕЖИРААТ МАНДИЌ-РИГОНАТ, ВИТОШЕВИЌ, УНКОВСКИ И МАНДАК, ТЕАТАРОТ ДОБИ БУЏЕТ ОД НАД 230 ИЛЈАДИ ЕВРАРежисерот Бојан Трифуновски, директорот Никола Кимовски и техничкиот раководител на МНТ, Гунтер Кубе, на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Околу 230.000 евра (14.473.400 денари) делегиран буџет доби Македонскиот народен театар (МНТ) за 2026 од Министерството за култура и туризам, соопшти денеска на прес-конференција директорот Никола Кимовски. Буџетот е зголемен за 56 проценти во однос на минатата година.

    Во МНТ веќе се одвиваат пробите за претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, во режија на белградската режисерка Татјана Мандиќ-Ригонат. Во претставата играат Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

    Во текот на 2026 ќе бидат поставени и претставите „Три сестри“ од Чехов, во адаптација на Ана Ристоска и во режија на Нела Витошевиќ, „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, во копродукција со „Сектор филм“ и „Козата или која е Силвија?“ по мотиви од Едвард Олби, во адаптација и режија на Шенај Мандак.

    Во рамките на меѓународната програма МНТ ќе гостува на повеќе сцени и фестивали во регионот. Претставите „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов и „Варвари“ на Владимир Милчин ќе бидат изведени во Словенско народно гледалишче во Марибор. Со претставата „12“ на Евтимов, МНТ ќе гостува во Дубровник. Претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов ќе биде дел од програмата на меѓународниот театарски фестивал „Црно море“ во Варна. Во април, претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин ќе биде изведена на фестивалот „5-ре“ во Велес.

    Во текот на годината МНТ ќе реализира и повеќе копродукциски проекти со домашни и меѓународни партнери. На 17 март на малата сцена ќе биде изведена премиерата на „Син понеделник“, во режија на Борјан Стојков, копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и МНТ.

    На 27 март, на Светскиот ден на театарот, премиерно ќе биде изведена танцовата претстава „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Борче Начев.

    Новата сезона во септември ќе се отвори со премиера на авторскиот проект „Силно светнал ден – Стихови што заслужуваат музика“ на Игор Џамбазов, во режија на Евтимов, со учество на „Гуру Харе бенд“. Во подготовка е и монодрамата „Бивир Бивир (Да се живее – да се преживее)“, во која игра Снежана Коневска-Руси, која е и авторка на текстот и корежисерка заедно со Начев.

    Во режија на Моника Ставревска ќе се постави претставата „Касапски кучиња“, по адаптација на текстот и истоимениот филм на Квентин Тарантино, со учество на млади актери. Финскиот режисер Јари Јутинен во МНТ ќе ја постави претставата „Западен експрес“ од романскиот автор Матеи Вишњек, копродукција помеѓу МНТ и „МИ Филм“, во која играат Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска и Васко Костовски. Во подготовка е и монодрамата „Внатре“, со текст на Александар Русјаков и Благица Секуловска, во која игра Арна Шијак, со музика на Горан Трајкоски. Музиката од претставата ќе биде издадена на плоча, како дел од новата иницијатива на МНТ за издавање авторска театарска музика.

    Малата сцена на МНТ ќе биде дополнително отворена за независната театарска продукција и новите автори.

    „Концептот има за цел да создаде динамичен и патувачки театарски репертоар, преку кој дел од новите претстави ќе гостуваат во повеќе градови низ Македонија. Овој концепциски новитет е инспириран од делото и духот на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, како симбол на театар кој патува“, рече Кимовски.

    „Ќе ги отвориме вратите за најхрабрите и најупорни млади уметници. Сакаме да ги видиме одблиску, бидејќи ова е и нивни театар. Идејата е малата сцена да прерасне во инкубатор на свежи идеи“, рече режисерот Бојан Трифуновски, кој е задолжен за независната сцена.

    Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе биде отворена на 18 јуни со концерт на Дац и Александар.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира