ВО МСУ СКОПЈЕ СЕ ОТВОРА ПАТУВАЧКА ИЗЛОЖБА ЗА КУЛТУРНАТА ВАЖНОСТ НА ТЕКСТИЛОТ

    ВО МСУ СКОПЈЕ СЕ ОТВОРА ПАТУВАЧКА ИЗЛОЖБА ЗА КУЛТУРНАТА ВАЖНОСТ НА ТЕКСТИЛОТИзложбата ги истакнува бројните комплексни начини на работа со текстил на уметниците – учесници. (Фото: МСУ)

    Патувачката изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ ќе се отвори вечерва во 20 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Изложбата ја организираат Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ, а куратори се: Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова.

    Вечерва во 19:30 часот, пред официјалното отворање, кустосот Бојана Јанева со дел од присутните уметници ќе разговара за концептот на поставката пред публиката.

    Уметници чии дела ќе бидат изложени се: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ; заедно со инсталацијата „Простор Баухаус“, визуелна архива за историјата на работилницата за ткаење во комплексот Баухаус Десау и Вајмар (уметничко истражување: Џудит Раум; дизајн: Јакоб Кирш; архитектура: С.Т.И.Ф.Ф.) и уметнички дела од уметниците застапени во Колекцијата на МСУ-Скопје: Соња Димитрова, Димче Коцо, Јоланта Овидска, Исмет Рамичевиќ, Лиза Рехштеинер, Мира Спировска, Душко Стојановски, Патриција Веласко Уалин.

    Текстилот е во основата на патувачката изложба организирана од ИФА, со фокус на прашањата: „Кои значења и пораки се својствени за ткаенините?“, „Каква е нивната културна важност?“, „На кој начин можат да се ‘прочитаат’?“, „Што пренесуваат ткаенините за нивното потекло, значења и општествени улоги?“ и „Кои традиционални текстилни техники уметниците ги апроприираат, издвојуваат, релоцираат и враќаат во живот?“.

    Изложбата ги истакнува бројните комплексни начини на работа со текстил на уметниците – учесници. Личните и естетските наративи се поврзани со општествените и економските конфигурации во глобалниот свет.

    „Делата од колекцијата на МСУ – Скопје, пак, во овој контекст се изложени, не само како сведоштва за живите искуства и сеќавања произлезени од земјотресот, туку и како силен потсетник денес за потребата од прекинатите нишки на глобални мрежи на поддршка и емпатија кои трагичниот настан на лична и колективна загуба го трансформираат во модел на транснационална солидарност“, вели кураторката Попова.

    Изложбата е поддржана од Германската амбасада и Гете институтот во Македонија, а ќе трае до 2 септември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира