ВРАБОТЕНИ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ПОД ИСТРАГА ЗА СЕРИЈАТА „МАКЕДОНИЈА“ ШТО ДОБИ МИЛИОН ЕВРА, А НЕ Е СНИМЕНА

    ВРАБОТЕНИ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ПОД ИСТРАГА ЗА СЕРИЈАТА „МАКЕДОНИЈА“ ШТО ДОБИ МИЛИОН ЕВРА, А НЕ Е СНИМЕНА„Иако на социјалните мрежи се појави трејлер од серијата 'Македонија', ние како Агенција немаме добиено никаков снимен материјал, а парите се исплатени“, рече в.д. директорот на Агенцијата, Горјан Тозија (Фото: СДК.МК)

    Вработени лица во Агенцијата за филм на Македонија и лица надвор од Агенцијата се под истрага на Финасиската полиција и на Основното јавно обвинителство (ОЈО), поради склучени договори со хрватската продукциска куќа „Јадран филм“ за снимање на играната серија „Македонија“, кажа денес в.д.  директорот на Агенцијата Горјан Тозија.

    Серијата „Македонија“ беше одобрена на конкурсот за поддршка на Проекти од национален интерес во филмската дејност за 2016, во мандатот на поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска. 

    Владата на 1 ноември, годинава, по добиениот извештај од Агенцијата, одлучи да го раскине договорот со „Јадран филм“, која до 4 септември годинава не ја снимила првата сезона од играната серија „Македонија“, иако од македонската Агенција за филм добила 68 милиони денари, односно милион и сто илјади евра, како прва рата од вкупно договорните 283 милиони денари, односно 4,6 милиони евра за 4 сезони.

    Договорот за финансирање на „Македонија“ е склучен на 10 февруари, 2016, каде е предвидено серијата да се реализира во 4 сезони со вкупно 130 епизоди. Истиот ден е склучен Анекс за измена и дополнувања на Договорот за финансирање, со која се менува бројот на епизоди, од 130 на 80 , а притоа да не се изврши промена на динамиката на исплата на средствата.

    Со ваквиот анекс на договор, Агенцијата за филм штетно се согласила и потпишала Анекс на договор за реализација на проект со намален број на епизоди за ист износ“, вели Тозија.

    Во периодот од 2014 до 2016 година, од тогашниот претседател на Владата Никоал Груевски за претседател и членови на Управен одбор на Агенцијата за филм се именувани: Ивана Николиќ (претседател), Марија Влашчева, Братислав Димитров, Дејан Димески и Стојанчо Радичевски. Поради истек на мандат, во февруари 2016 година се разрешени Николиќ и Влшачева и Димитров, па истовремено повторно е назначена Николиќ за претседател, а за членови Влшачева и Петар Волнаровски.

    Со други решенија од јуни 2016, донесени од заменик- претседателот на Владата, разрешени се претседателот и два члена на УО (Димески поради истек на мандат и Петар Волнаровски), а именувани се нови и тоа: Ирина Димовска (претседател) која беше државен советник во Министерството за култура и членовите Гуле Гулев и Роберт Јанкулоски.

    Како режисери на „Македонија“ се наведени Зоран Петровски, Стојан Вујичиќ, Кристијан Милиќ, сценаристи Бранко Шомен, Огнен Ѓеоргиевски и Никола Жежов.

    Главен продуцент на серијата е Винко Грубишиќ кој е сопственик на поранешната државна хрватска продуцентска куќа „Јадран филм“.

    На социјалните мрежи, вчера се појави краток трејлер од 2 минути и 30 секунди, објавен од „Јадран филм“, но Тозија вели дека Агенцијата до ден денес нема добиено никаков продукт, а парите се исплатени.

    Тозија на новинарите на пресот во Владата им ги достави документите од преписките со „Јадран филм“, како и извештаите до Владата и од инспекцијата извршена од Министерството за култура.

    Според документите, Агенцијата за филм на 25 ноември 2015 година објавила Конкурс за финансирање на филм и други визуелни дела .

    Законот за филм е променет, изменет само да одговара на оваа серија. Измената е во членот кај што стои финансирање на други аудиовизуелни дела, каде што спаѓа оваа серија. За филм, максиумот кој може да се додели е 62 милиони денари, а за овие визуелни дела тогашната Влада која го потпишала Законот не додала лимит. Во ниту еден документ нема дека е дозволено за серија да се даваат толку пари колку што добила ‘Македонија’. Содржината на објавениот конкурс е со нејасна содржина, а наредбата за негова објава е издадена од неовластено лице. Во постапката за креирање на содржината на Конкурсот, не учествувал Филмскиот совот на Агенцијата за филм, спротивно на член 22 од Законот за филмска дејност“, рече Тозија.

    Продуцентот „Јадран филм“ , кој ја добива финансиската поддршка, во Централниот регистар е основан како правно лице на 3 декемрви 2015, година, односно 8 дена по објавата на Конкурсот.

    Нерегуларност е забележана и во тековната состојба на „Јадран филм“, каде стои дека основниот влог е 5.000 евра.

    Малку е необично правното лице основано со странски капитал од само 5.000 евра му се доделува таков висок буџет, најголем во македонската филмска и тв продукција во износ од 4 милиони и 602 илјади евра“, стои во извештајот.

    Тозија најави дека е покрената постапка за враќање на парите кои се на сметката на продуцентот и како што рече, сигурен е дека парите ќе бидат во целост вратени.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари