Уметницата Тања Бругуера, една од најзначајните и најангажираните уметници во светот, утре (19 часот) ќе одржи предавање во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Бругуера (51) е родена во Хавана, Куба, живее и во Хавана и во Њујорк, а се занимава со инсталација и перформанс. Нејзините дела ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила.
„’Политичко времено специфично’ е насловот на предавањето и е нејзин термин – кованица, обмислен со цел да се дефинира вид уметност која е создадена да постои во одреден политички момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание. Со оглед на тоа што веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што се уште не е случено и она што допрва треба да се случи “, вели МСУ.
Таа има учествувано на култната изложба „Документа 11“ во Касел, Германија, а ја основала и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана.
Бругуера има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015, во Музејот на современа уметност Тејт модерн во Лондон, во музејот Гугенхајм и во МоМА во Њујорк.
Уметницата неодамна го отвори Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и тинк-тенк за уметници-активисти и кубанци.