По вторпат се санира северната тераса на објектот на Македонскиот народен театар (МНТ), кажа денеска техничкиот раководител Гунтер Кубе. Директорот на МНТ, Никола Кимовски, денеска одржа прес-конференција, на која ги соопшти делегираниот буџет од над 230.000 евра од Министерството за култура и туризам и планираните проекти.
Северната тераса со години прокиснува и под неа има кофа, на десната страна од фоајето. Објектот во центарот на Скопје, како дел од проектот „Скопје 2014“, беше отворен во 2013 и чинеше 40 милиони евра.
„Годинава треба да се доврши северната тераса. Ја започнавме минатата година по вторпат, меѓутоа овојпат многу посериозно, со изготвен проект, затоа што ние во суштина не сме градежна оператива, стручни сме за многу подруги работи од оваа. Наидовме на многу кочници и непознаници, најмногу од градежната фела, која очекувавме дека поинаку ќе се поставува кон задачите што ги добива и за кои имаме договори. Така што, вторпат се работи таа тераса, овојпат многу посериозно“, кажа Кубе.
Се планира да се заврши до крајот на јуни, а во меѓувреме се планира почнување на другата, јужна тераса, која, како што рече Кубе, е исто така оштетена уште од примопредавањето на објектот.
„Меѓутоа, бидејќи е на јужна страна, едноставно е потопло и помалку се изразени тие проблеми. Планираме и таа да се заврши и воедно ентериерот, затоа што многу е битно да се заврши надворешноста за да не се трошат средства, а да не е завршена работата одвнатре. Оваа година имаме драстично зголемување на буџетот за санација на тие проблеми и се надевам дека конечно ќе имаме две куполи. И искрено се надевам дека средствата што оваа година Министерството за култура и туризам ги обезбеди, догодина ќе ги искористиме за нешто сосема друго“, додаде Кубе.
- НИ ТРЕБААТ 195.000 ЕВРА ЗА САНАЦИЈА НА ЕДЕН БАЛКОН И ЕДНА ТЕРАСА НА МНТ КОЈ Е ВО ВЛОШЕНА СОСТОЈБА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КИМОВСКИ
- ЉУТКОВ И КИМОВСКИ ЌЕ БАРААТ ВИНОВНИК ЗОШТО МНТ, ИЗГРАДЕН ЗА 40 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ВО ОЧАЈНА СОСТОЈБА
Б. НЕСТОРОСКА



