Премиерот Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми дадоа дополнителeн рок на одбиените проекти по Годишната програма за национален интерес во културата за 2019, да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.
Стручните комисии по одделни дејности од 12 февруари почнаа со повторно разгледување на сите одбиени апликации на конкурсот за Годишната програма. Тоа беше најавено откако Министерството на 8 февруари ја објави Годишната програма, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Заев најави дека еден дел од програмата ќе биде поништен, освен делот за културните институции, а пак министерот за култура рече дека сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани.
„Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година“, вели Министерството за култура.
Оттаму додаваат дека премиерот Заев и министерот за култура Адеми го носат ова решение како резултат на слушнатите ставови на културните работници и најавуваат дека дијалогот со културната фела ќе продолжи со цел унапредување на меѓусебното разбирање и поддршка на развојот на културата во државава.
„По тој повод, министерот за култура Адеми ќе ги покани сите апликанти кои имаа забелешки на состаноци во Министерството со цел да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси“, стои во соопштението.
Од неговиот кабинет велат дека министерoт останува отворен за укажувањата и потребите на националните установи со чии раководители е во постојан контакт и за кои, според Законот за културата, се можни промени во финансирањето во текот на целата година.
„Во Министерството за култура веќе во поодмината фаза е постапката за изготвување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, по чиј предлог-текст досега имаше две јавни расправи. Укажуваме дека со новиот закон ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата, за што и Министерството и сите чинители во оваа сфера се согласни дека актуелната норматива не ги задоволува потребите на современото време. Со донесување на новиот закон, чиј предлог-текст е сè уште отворен за сугестии од сите засегнати страни, уверуваме дека ресорот култура во иднина ќе ги добие потребните системски решенија за кои се залага голем дел од јавноста во културата“, велат од министерството.