СМЕ ЗГРЕШИЛЕ ЗА ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ, ЗА СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ЌЕ ЧЕКАМЕ ДОПОЛНИТЕЛЕН РОК ОД МИНИСТЕРОТ АДЕМИ, ВЕЛИ МУЗИЧКАТА КОМИСИЈА

    СМЕ ЗГРЕШИЛЕ ЗА ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ, ЗА СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ЌЕ ЧЕКАМЕ ДОПОЛНИТЕЛЕН РОК ОД МИНИСТЕРОТ АДЕМИ, ВЕЛИ МУЗИЧКАТА КОМИСИЈА „Сметаме дека фестивал од типот на СЏФ треба да биде пример во начинот на конкурирање, поточно требало да достави основна програма врз што ќе се однесува сумата за поддршка“, вели Плеурат Гаши, претседател на комисијата за фолклор и музичко-сценска дејност (Фото: МИА)

    „Човечки е да се згреши, ние згрешивме во одбивањето на пријавата на фестивалот Златно славејче. Фестивалот имал целосна документација и ќе добие пари од Министерството за култура“, рече денес Плеурат Гаши, претседателот на Комисијата за фолклор и музичко-сценска дејност при Министерството.

    Стручните комисии по одделни дејности од вчера почнаа со повторно разгледување на сите одбиени апликации на конкурсот за Годишната програма за национален интерес за 2019 на Министерството. Тоа беше најавено откако Министерството на 8 февруари ја објави Годишната програма за национален интерес во културата, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев најави дека еден дел од програмата ќе биде поништен, освен делот за културните институции, а пак министерот за култура Аасф Адеми рече дека сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани.

    Музичката-сценската комисија, која беше најповикана во јавноста поради одбивање на пријавите на реномирани фестивали и институции, стои на ставот дека Скопскиот џез фестивал (СЏФ), Офф-фест и Фолклорниот фестивал „Пеце Атанасовски“ се одбиени поради нецелосна документација.

    „СЏФ е одбиен поради тоа што нема основна програма, нема изјави од учесници (кој ќе учествува), нема биографии, нема изјави за простори, нема буџет, нема план на активности. ‘Авалон’ нема доставено изјава за простор за концертите на Лени Кравиц, Стинг и Ерос Рамацоти. Фестивалот ‘Пеце Атанасоски’ има доставено само пријава“, кажа Гаши.

    Тој додаде дека од министерот за култура Асаф Адеми ќе чекаат одлука дали за овие фестивали ќе им биде даден дополнителен рок да ги достават потребните документи.

    „Незаконски е да одобриме пријава која е нецелосна“, рече претседателот на комисијата Гаши. Членови на оваа комисија се и Јошко Бошковски, Арлинда Калиси и Северџане Лачи.

    Членот на комисијата за драмска дејност Исмет Рамадани рече дека некои настани се одбиени бидејќи немале целосни пријави, а некои пак бидејќи изминатие изданија не понудиле квалитет (Фото: СДК.МК)

    На прашањета на САКАМДАКАЖАМ.МК дали комисијата смета дека фестивал како СЏФ  треба да докажува дека вреди за поддршка и дали членовите на комисиите се чувствуваат одговорни што уништуваат врвна културна вредност криејќи се зад бирократска процедура, тие одговорија:

    „Да, сметаме дека фестивал од типот на СЏФ треба да биде пример во начинот на конкурирање, поточно требало да достави основна програма врз што ќе се однесува сумата за поддршка. Ние не мислиме така, ние мислиме дека работиме многу чесно, одговорно и што е најважно, без никаков притисок одлучувавме правилно настојувајќи по никаков основ да не го прекршиме Законот“.

    Директорот на СЏФ и на Офф фест, Оливер Белопета вели дека има документи за обезбеден простор, но дека за фестивали од ваков ранг не е возможно да се обезбедат преддоговори со странски уметници и нивни потврди. Белопета ни го испрати писмото, кое на 1 февруари го испратил до министерот за култура Асаф Адеми. Тој со денови претходно барал средба со комисијата и од претседателот Гаши љубезно бил известен дека нивните апликации воопшто не ни биле разгледувани, дека по сугестија на правната служба биле одбиени поради недостиг на два потребни документи: преддоговори со изведувачите – учесници на фестивалите и документ за обезбеден простор за реализација на фестивалите.

    „Овие два документи, од објективни причини, никогаш во изминатите години и долгата историја на фестивалите, не сме ги доставувале во прилог на апликациите, вклучувајќи го и претпоследниот конкурс и тоа никогаш не претставувало проблем. За фестивали со толку долга традиција и со највисок меѓународен ранг, репутација и ориентација, стекнати не само кај нас туку и во светот, апсолутно е невозможно да се обезбеди програма, а не пак преддоговори или потврди за настап пред да се знае износот на доделени средства по Годишната програма на Министерството (кое во случајот на нашите два фестивала е покровител што подразбира и клучна финансиска поддршка за нивно одржување). Исто така, вакви преддоговори или фиктивни потврди со светските уметници едноставно не се практикуваат во светот, не постојат“, стои во писмото.

    Медина Хоџа од комисјата за визуелни уметности, архитектура и дизајн рече дека тие ги разгледале сите одбиени проекти и не нашле пропусти (Фото: СДК.МК)

    Членовите на комисиите за драмска дејност и за визуелни уметности, архитектура и дизајн Исмет Рамадани и Медине Хоџа кажаа дека тие ги разгледале сите одбиени проекти и не нашле пропусти.

    Градоначалникот на Велес Аце  Коцевски вчера бара темелно преиспитување на распределбата на средствата од Министерството за култура, откако без средства останаа Фестивалот за античка драма, Фолклорниот фестивал и Стрип салонот, додека Рациновите средби добиле скромни 105 илјади денари, помалку од поетскиот карван Поетски искри.

    Рамадани рече дека некои настани се одбиени бидејќи немале целосни пријави, а некои пак бидејќи изминатие изданија не понудиле квалитет. Конкретно за Фестивалот за античка драма, кажа дека немал биографии за учесници и немал портфолио.

    На објавените Годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019  пристигнаа 5.560 пријави, а комисиите предложија поддршка за 2.781 проект. Од сите комисии велат дека во текот на работата одвоиле пари за жалби, така што Министерството ќе има средства кога ќе се прифатат некои од одбиеените проекти.

    Од Министерството за култура велат дека оние проекти кои не се поддржани, во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, по добиеното решение може да поднесат жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира