„Засвири една наша, Милане“, низ солзи ја испеа фолк-пејачата Сузана Спасовска песната која ја напишал за неа, на крајот на комеморацијата за композиторот и музичар Милан Завков, и ги расплака сите роднини, колеги и пријатели во фоајето на Националната опера и балет (НОБ). Врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Националниот ансамбл „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, ненадејно почина вчера на 61 година, оставајќи наследство како композитор и аранжер од над 800 дела.
„Кога се видовме на 6 февруари, понеделникот, прв ден на работа после одмор, се израдував и му реков: ‘Мики, колку си одморен и свеж, ти блеска лицето. Ми рече: За ова, кафе морам да честам’. Си зборувавме дека имаме уште некоја година до пензија. Требаше мирно да ги поминуваме пензионерските денови. Се договоравме дека и тогаш ќе одиме едни кај други и ќе пиеме по некоја ракија и салата. Кога патувавме на турнеи, секогаш седевме еден до друг. Јас вака малечка, тој голем, секогаш му оставав простор да може удобно да седне“, низ солзи зборуваше легендарната пејачка Спасовска и пријателка на семејството Завкови.
На комеморацијата, која наместо со аплауз, почна со звуци на хармоника, дојдоа голем број фолк пејачи, пејачки и музичари, колеги од „Танец“, а беше прочитана само една телеграма со сочувство, од претседателот Стево Пендаровски. Немаше претставници од Министерството за култура. Погребот беше денеска попладне на Градските гробишта Бутел.
Завов на сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат врвните хит-мелодии како „Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето” и „Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” од Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски. Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и стекнува углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
„Да бевме писатели ќе ја преточевме музиката во зборови. На нам својствен начин, ќе му оддадеме почит со музика. Од кога постојам и самиот живеам со музика, и учев од великаните. Улогата на Завков во ‘Танец’, беше повеќе од престиж, таму се искачуваат најдобрите“, рече директорот на „Танец“ Мартин Вучиќ, а хармоникашот Сашо Ливрински, претседател на Здружението на естрадни уметници додаде: „Уште многу среќни и несреќни љубови ќе се најдат во неговите песни. Уште многу играорци ќе ги кршат даските со неговите ора“.
Во неговата биографија стои дека почнал да свири хармоника од 8-годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
„Но, без разлика на видот на дипломата, Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970 година, со популарниот ‘Октет Македонија’ ја снима својата прва плоча, а во својата четиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група ‘Македонски мерак’ остварува врвни музички интерпретации и значаен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи“, велат од „Танец“.
Од 2000 Завков беше вработен во „Танец” како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.
Б. НЕСТОРОСКА