ЖАЛАМ ШТО ДЕНЕС ДЕЦАТА ГИ УЧИМЕ ДЕКА НЕМААТ ВРЕМЕ, РЕЧЕ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО ПРЕТСТАВА ОД БЕЛГРАД

    ЖАЛАМ ШТО ДЕНЕС ДЕЦАТА ГИ УЧИМЕ ДЕКА НЕМААТ ВРЕМЕ, РЕЧЕ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО ПРЕТСТАВА ОД БЕЛГРАДСцена од претставата „Алиса во земјата на стравовите“ на ЈДП. (Фото: Охридско лето)

    Југословенско драмско позориште (ЈДП) од Белград со претставата „Алиса во земјата на стравовите“ од Ева Махковиќ, на македонскиот режисер Александар Поповски, синоќа го затвори 64. издание на фестивалот Охридско лето. Поради дождот, претставата наместо  да се одигра на Античкиот театар беше префрлена во Центарот за култура „Григор Прличев“.

    Поповски ѝ се извини на публиката за оваа промена и се заблагодари за трпението со оглед на новонастанатата ситуација.

    „Извинете за сè што поминавте. Знам дека не е едноставно да се чека, но верувајте, направивме сè. Овде има една неверојатна екипа и од Белград, и од Македонија кои направија чудо да се преселиме за час и половина од горе, на Антички театар до долу во Центарот за култура. Два дена работеа на Антички за да биде претставата таму, но ете, небото сакаше да биде поинаку. Навистина е преубаво човек да види дека Охрид има публика за театар и за култура. Тоа е најубавата работа“, рече Поповски пред почетокот на претставата.

    Актерите од Југословенско драмско позориште на сцената покажаа извонредна театарска игра. Текстот на „Алиса во земјата на стравовите“ е инспириран од книгата „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол.

    „Тоа е едно патување низ потсвеста на една млада девојка која се сретнува со сите прашања, од вработување, успешност, љубов…и од нешто што за мене е трагедија, условно речено за младите луѓе, а тоа е што ако на 35 години не си успешен, тогаш е готово со тебе. Ако не направиш нешто до 35 години веќе не те бидува. Јас на 32 години уште немав завршено факултет. Тогаш времето се мереше на поинаков начин. Имавме време. Денеска децава ги учиме на тоа дека нема време. Им го скратуваме времето и мислам дека тој феномен на притисок е многу интересна тема и успеавме да ја раскажеме приказната за растегливоста на времето“, рече режисерот Поповски.

    Годинава, на 64. издание на Охридско лето имаше 36 настани од кои 25 концерти од областа на класичната музика, шест театарски претстави, по една изложба и промоција на книги, стенд-ап шоу, а во дополнителната програма голем интерес имаше за виртуозот на гитара, Влатко Стефановски. Роденденот на фестивалот годинава беше одбележан со концерт на салса ансамблот „Меркадонегро“.

    С. ВРЕНЦОВСКА 

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира