ЖЕЛЕЗЕН РЕПЕРТОАР И МНОГУ ПРЕМИЕРИ НА МОДЕРНИ АВТОРИ ВО НОВАТА СЕЗОНА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

    ЖЕЛЕЗЕН РЕПЕРТОАР И МНОГУ ПРЕМИЕРИ НА МОДЕРНИ АВТОРИ ВО НОВАТА СЕЗОНА НА ФИЛХАРМОНИЈАТАДиригентот Бебешелеа, маестро Трпчески и директорката на Филхармонијата Тина Иванова на прес-конференцијата на 4 октомври. (Фото: К. Попов)

    „Филхармонија во движење“ е насловот на новата концертна сезона на Филхармонијата, која стартува утре (20 часот) со концерт на пијано виртуозот Симон Трпчески. Пијанистот со светска кариера ќе настапи со дело од Франц Лист, на концертот насловен „Данте 700“, а ќе диригира Габриел Бебешелеа. На програмата е уште едно дело од Лист.

    „Со ново мото ја започнуваме оваа концертна сезона, ‘Филхармонија во движење’, кое алудира на фактот дека во екот на најголемата пандемија нашата институција не ги затвори портите за својата публика, туку продолжи да се ‘движи’ и да ја реализира својата програма“, вели Тина Иванова, в. д. директорка на Филхармонија.

    Иванова најавува дека во новата концертна сезона ќе настапат исклучителни солисти како Тимоти Рајдаут (виола, Англија), Јеил Еум Сон (пијано, Јужна Кореја), Марија Солозлобова (виолина, Русија), Андреи Коробејников (пијано, Русија), Елишија Силверштајн (виолина, САД), Сајака Соџи (виолина, Јапонија), и славниот квартет „Баланеску“.

    Со оркестарот ќе диригираат Паскал Галоа, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Урош Лајовиц, Михал Нестерович. Освен странските солисти, ќе настапат и домашни уметници како: Анна Кондратенко, Ева Богоевска, Маја Чаначевиќ, Паскал Краповски.

    „На програмата, освен ‘железните’ класици на симфонизмот, се и дела од модерни и современи автори кои за првпат ќе прозвучат кај нас – како антологиското дело ‘Музика за 18 музичари’ од американскиот композитор Стив Рајх кое премиерно ќе биде изведено на 14 октомври“, вели Иванова.

    Меѓу останатите концерти, таа најави и два новогодишни концерта за деца, како и гала новогодишниот концерт „Ноќ на Оскари“.

    Наскоро ќе биде промовирана и новата веб-страница, каде освен основните информации за настаните и тековните содржини, ќе може да се слуша и симнува музика во изведба на Филхармонијата, како и да се преземе електронска верзија на Филхармонискиот весник кој го издава институцијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира