Публиката на синоќешното отворање на 77. Кански филмски фестивал ја поздрави со долги овации холивудската ѕвезда Мерил Стрип, годинашна добитничка на почесната Златна палма на 77. Кански фестивал. Таа се врати во Кан по 35 години од освојувањето на наградата за најдобра женска улога за „Злобните ангели“, нејзиното единствено појавување на фестивалот досега.
Наградата ѝ ја врачи француската актерка Жилиет Бинош.
„Го променивте начинот на кој гледаме на жените во светот на филмот“, рече Бинош, која се обидуваше да го контролира своето дишење, додека плачеше за време на говорот. „А сепак не сте премногу сериозни, како мене“.
Стрип, во чија долга листа на филмови се и „Крамер против Крамер“, „Мостовите во округот Медисон“, „Надвор од Африка“, „Мама миа!“, им се заблагодари на повеќе личности од нејзината кариера.
„Мајка ми, која обично беше во право за сè, ми рече ‘Мерил, мила, ќе видиш. Сè оди толку брзо. Толку брзо’. И навистина е така, освен мојот говор“, рече Стрип.
Во импресивната кариера, оскаровката Стрип играла и во „Мали жени“ на режисерката Грета Гервиг, која годинава е претседателка на жирито за Златната палма во Кан.
На свеченото отворање, француската пејачка Захо де Сагазан ја изведе „Модерна љубов“ (Modern Love) на Дејвид Боуви во чест на црно-белата танцова сцена на Гервиг во „Фрeнсис Ха“. Гервиг весело пееше со неа од своето седиште на сцената и изгледаше видно погодена од настапот на Де Сагаза.
Во жирито се и турската сценаристка и фотографка Ебру Џејлан, американската актерка Лили Гледстон, француската актерка Ева Грин, либанската режисерка и сценаристка Надин Лабаки, шпанскиот режисер и сценарист Ј. Бајона, италијанскиот актер Пјерфранческо Фавино, јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда и францускиот актер и продуцент Омар Си.
Фестивалот отвори со францускиот филм „Втор чин“ на Кантен Дипје, со Леа Сејду и Луј Гарел.
Во конкуренцијата за Златна палма се неколку култни филмаџии, меѓу кои Френсис Форд Копола со „Мегалополис“, Џорџ Милер со „Фуриоза“, Пол Шредер со „Ох, Канада“, како и Џорџ Лукас кој ќе добие почесна Златна палма. Во конкуренцијата се и Кевин Костнер со „Хоризонт, американска сага“, „Видови на добрина“ на Јоргос Лантимос, Жак Одијар со „Емилија Перез“, „Партенопа“ на Паоло Сорентино и „Покров“ на Дејвид Кроненберг.
Фестивалот завршува на 25 мај.