ЗЛАТЕН ЛАВ ВО ВЕНЕЦИЈА ЗА „СОСЕДНАТА СОБА“ НА ПЕДРО АЛМОДОВАР

    ЗЛАТЕН ЛАВ ВО ВЕНЕЦИЈА ЗА „СОСЕДНАТА СОБА“ НА ПЕДРО АЛМОДОВАРОвој филм, „Соседната соба“, е мојот прв филм на англиски јазик... но духот е шпански, рече Алмодовар примајќи го Златниот лав. (Фото: АП)

    „Соседната соба“ на Педро Алмодовар, неговиот прв филм на англиски јазик, ја освои престижната награда Златен лав на 81. Венециски филмски фестивал што заврши вечерва. Филмот на премиерата доби неверојатни 17-минутни овации. Алмодовар примајќи ја наградата рече: „Би сакал да му го посветам на моето семејство, кое е тука сега… Овој филм ‘Соседната соба’, е мојот прв филм на англиски јазик… но духот е шпански“.

    Филмот е адаптација на романот „Низ што поминуваш“ на Сигрид Нуњез, приказна за бестселер писателките Ингрид (Џулијан Мур) и Марта (Тилда Свинтон) кои го обновуваат своето пријателство откако изгубиле контакт. Додека се нурнати во минатите спомени, анегдоти, уметност и филмови, Марта, која се бори со рак на грлото на матката во терминална фаза, сака да умре достоинствено и ја замолува Ингрид да биде во соседната соба кога ќе земе апчиња за евтаназија.

    Сребрениот лав за најдобра режија го освои Брејди Корбет за неговиот трииполчасовен спектакл „Бруталист“ со Адријан Броди и Фелисити Џонс во главните улоги. Филмот, биографски филм за измислен унгарски архитект и преживеан од холокаустот, Ласло Тот, кој емигрира во САД, беше миленик на критичарите во Венеција оваа година, а ја освои и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ.
    Гран при на жирито односно Сребрениот лав го освои „Вермиљо“ од Маура Делперо. Специјалната награда на жирито ја доби „Април“ на Деа Кулумбегашвили.

    Никол Кидман ја освои наградата за најдобра актерка за нејзината улога во еротскиот трилер „Бејбигрл“ со Антонио Бандерас и Харис Дикинсон. Но, Кидман не можеше самата да ја земе наградата бидејќи нејзината мајка, Џенел Ен Кидман, почина. Иако дојде во Венеција за свеченото доделување на наградите, Кидман мораше да замине кусо по слетувањето по веста за ненадејната смрт на мајка ѝ. Режисерката на филмот Халина Рејн ја прочита пораката од Кидман: „Во шок сум и морам да одам кај моето семејство, но оваа награда е за неа… Јас сум неизмерно благодарна што можам да го кажам нејзиното име на сите вас. Судирот на животот и уметноста е потресен и срцето ми е скршено“.

    Венсан Линдон ја доби наградата за најдобар актер за улогата во „Тивкиот син“ за татко и син разделени од нивните политички идеологии.

    Во селекцијата Хоризонти најдобар филм е „Годината што никогаш не дојде“ на Богдан Мурсеану, кој ја освои и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ. „Познат допир“ на Сара Фридланд ги освои наградите за најдобра режија и најдобар дебитантски филм. Примајќи ги наградите таа рече: „Ја прифаќам оваа награда на 76-годишнината од израелскиот геноцид во Газа… Се солидаризирам со народот на Палестина и неговата борба за ослободување“.

    Во Хоризонти за најдобар актер е награден Франческо Геги за „Фамилија“, филм што ја истражува цикличната природа на насилството, во режија на Франческо Костабиле, а Кетлин Чалфант ја освои наградата за најдобра актерка за „Познат допир“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира