ЗЛАТНА АРЕНА ЗА НАЈДОБРА РЕЖИЈА ВО ПУЛА ЗА ТЕОНА СТРУГАР МИТЕВСКА ВО КАТЕГОРИЈАТА МАЛЦИНСКИ КОПРОДУКЦИИ

    ЗЛАТНА АРЕНА ЗА НАЈДОБРА РЕЖИЈА ВО ПУЛА ЗА ТЕОНА СТРУГАР МИТЕВСКА ВО КАТЕГОРИЈАТА МАЛЦИНСКИ КОПРОДУКЦИИМитевска на светската премиера на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на 69. Берлински филмски фестивал (Фото: Гети)

    Режисерката на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ Теона Стругар Митевска ја доби наградата Златна арена за најдобра режија во категоријата хрватски малцински копродукции на 66.Филмски фестивал во Пула, Хрватска. Главната награда, Големата златна арена за најдобар филм и Златна арена за најдобра режија ја освои „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ на Дана Будисављевиќ. Филмот на Будисављевиќ ја освои и наградата на публиката Златна врата на Пула.

    Според одлуката на жирито, Митевска е наградена едногласно затоа што со „прецизниот режисерски ракопис успева да го вовлече гледачот во филмските случувања, карактери, случувања и општествени околности“.

    Светската премиера на филмот беше на 10 февруари на 69. Берлински филмски фестивал, каде освои две награди, на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлинале што ги доделуваат независни жирија. Во април филмот ја доби главната награда на Меѓународниот женски филмски фестивал Дортмунд/Келн, а во мај доби две награди на Филмскиот фестивал Деа во Тирана: за најдобар филм и наградата за најдобра женска улога за Зорица Нушева.

    Фестивалот во Пула се одржува од 13 до 21 јули.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира