„Со среќа дупење или улаво порно“ (Bad Luck Banging or Loony Porn) на романскиот автор Раду Жуд ја освои Златната мечка на годинашното Берлинале чиј прв дел се одржа онлајн изминатава недела, а вториот со публика в кино е најавен за почетокот на јуни. Филмот отвора со домашно секс видео, но за Раду Жуд, да се смета овој материјал за понепристоен од расизмот, антисемитизмот и национализмот во општеството е она што е перверзно. Романскиот режисер е добитник на Сребрена мечка во 2015 за „Аферим“, а овој филм е за оние кои уживаат во безобразни експерименти – како жирито, кое го пофали начинот на кој го доловува стравот од пандемијата.
Сребрена мечка – Гран при на жирито освои „Тркало на среќата и фантазијата“ на јапонскиот режисер Рјусуке Хамагучи, изграден во три епизоди, фокусирани на женски ликови. Случаен љубовен триаголник, неуспешна стапица за заведување и средба што произлегува од забуна – кратките раскази се огледуваат едни во други, а делото блеска со особено стилизиран мизансцен.
Сребрена мечка – Награда на жирито освои „Господин Бахман и неговиот клас“, документарецот на Марија Шпет долг скоро четири часа. Филмот е импресивно искуство за учењето. Во мултикултурно германско гратче, 64-годишниот учител Дитер Бахман предводи група деца со потекло од 12 земји. „Господин Бахман и неговиот класа“ претставува надежен став за тоа како образованието може да промени сè во трнливиот концепт на интеграција.
Сребрена мечка за најдобра режија освои „Природна светлина“ на унгарскиот режисер Денес Наѓ, што ја истражува човечката душа низ оваа бавна драма од Втората светска војна, сместена во 1943. Наместо да се води од дејството на конфликтот, филмот се фокусира на моралната дилема на унгарски војник, сојузник со нацистичка Германија, кој неволно е повикан да ја преземе командата на неговата единица по заседа.
Сребрена мечка за извонреден уметнички придонес доби „Еден полицаец“ на мексиканскиот режисер Алонсо Руизпаласиос. Полициските сили се една од најконтроверзните институции во Мексико, а филмот во продукција на Нетфликс истражува што значи да се биде полицаец во Мексико Сити. Комбинирајќи документарни и играни сцени, ова дефинитивно не е типичен „филм за полицајци“. Жирито на Берлинале ја истакна и исклучителната монтажа на Јибран Асуад.
Сребрена мечка за најдобра главна улога доби „Јас сум твојот човек“ на режисерката Марија Шредер, позната по серијата „Неортодоксно“. Тука истражува како рационална жена (Марен Егерт) се справува со тринеделен експеримент во кој живее со хуманоиден робот, програмиран да биде нејзин совршен романтичен партнер (Дан Стивенс). Додека повеќето критичари го фалеа Стивенс за совршено имитирање човек од вештачка интелигенција, жирито беше најмногу импресионирано од суптилната изведба на Егерт. Ова е првпат актерските награди на Берлинале да се доделуваат родово неутрално.
Сребрена мечка за најдобра споредна улога доби „Шума – те гледам насекаде“ на унгарскиот режисер Бенце Флиегауф, составен од низа вињети. Првиот се фокусира на девојче кое се соочува со татка си, обвинувајќи го дека е одговорен за смртта на мајка ѝ. Членовите на жирито беа воодушевени од изведбата на Лила Кизлингер, за која сметаат дека е „особено силна и незаборавна“.
ССребрена мечка за најдобро сценарио доби корејскиот „Увод“. И покрај тоа што приказната на „Увод“ е релативно едноставна, жирито беше воодушевено од ефикасното раскажување приказни, преку кое „скриената вистина за човечкиот живот одеднаш се открива, светла и луцидна“. Прославениот јужнокорејски режисер Хонг Сангсу сними дел од неговиот црно-бел 66-минутен филм во Берлин.