Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП) за 2025, соопшти денеска претседателката на Управниот одбор на Фестивалот, Елизабет Барануаи-Кукунешоска.
Таа кажа дека во 1960-тите години на минатиот век поетите Штрпка и Петер Репка ја основале индивидуалистичката поетска група „Осамени тркачи“. Го напишаа нејзиниот манифест „Враќањето на ангелите“, кој беше забранет. Во него стануваше збор за слободата на мислењето, на животот и на творештвото, за одговорноста на поединецот и за отфрлањето на комунистичката диктатура и цензура. Формираа сопствен начин на пишување и на животни вредности. За време на Кадифената револуција во 1989, Штрпка бил соосновач и активист на движењето „Јавноста против насилството“. Напишал текстови за музички песни за дванаесет албуми на рок-композиторт и пејач Дежо Урсини.

Академик Катица Ќулавкова, в. д. директорката на Струшките вечери на поезијата, Цветанка Маркоска и претседателката на Управниот одбор на Фестивалот, Елизабет Барануаи-Кукунешоска на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов )
„За мене е голема чест и признание да ја примам во Македонија, на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга, наградата Златен венец. Воедно е и голема сатисфакција да влезам така во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и за мене. Почестен сум што можам отворено да се приклучам кон таквото поликултурно поетско наследство, кон постојаното создавање на единствениот сопствен, жив, неповторлив јазик на човечкото битие, кој го задржува исконскиот ‘баланс меѓу поединецот и општото’ – како што своевремено точно забележа Албер Ками“, вели лауреатот Штрпка во писмото до дирекцијата на СВП.
Матеуш Шимчик од Полска е годинашен добитник на наградата „Мостови на Струга“ за неговата дебитантска збирка „Потребни се извори“.