Над илјада гости во Берлин в сабота ќе го проследат годинешното доделување на Европските филмски награди. На 36. гала церемонијата берлинска Арена ќе бидат прогласени победниците во 24 категории за престижната награда позната и како Европски Оскар.
Меѓу европските ѕвезди кои ќе ги презентираат добитниците во 24-те категории се и Романката Алина Шербан, една од ѕвездите во македонскиот кандидат за Оскар „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, кој во Берлин конкурира за Европската универзитетска филмска награда. Меѓу презентерите се и српската актерка Бранка Катиќ, францускиот актер Ламбер Вилсон и шведската ѕвезда Стелан Скарсгард.
Фаворити за наградите се „Зоната на интерес“ на Џонатан Глејзер и „Паднати лисја“ на Аки Каурисмаки, секој со по пет номинации меѓу кои и за европски филм и режисер. Глејзер во Кан освои Гран при, а Каурисмаки Наградата на жирито, а двата филма се на сосем различни теми – првиот е страотен портрет на животот на командант во Аушвиц и неговото семејство во куќа до логорот, а вториот е шармантна старовремска романса меѓу двајца работници.
„Анатомија на падот“ на Жастин Трие, кој годинава освои Златна палма, има четири номинации, меѓу кои и за вропски филм и режисер, како и „Зелена граница“ на Агњешка Холанд што ја освои Наградата на жирито во Венеција. Петтиот фаворит со две номинации е „Јас, капетан“ на Матео Гароне кој доби награда за најдобар режисер во Венеција.
Во актерските категории владее Сандра Хилер со дури две номинации, за нејзините брилијантни и сосем различни улоги во „Зоната на интересот“ и во „Анатомија на падот“. Меѓу номинираните за најдобар актер е и данската ѕвезда Мадс Микелсен за „Ветена земја“.
На галата во Берлин ќе присуствуваат сите 75 номинирани режисери, актери, сниматели, сценаристи и други филмаџии.
Годинава има и пет добитници на специјални награди – шпанската режисерка Изабел Коишет за европско достигнување во светскиот филм, британската актерка Ванеса Редгрејв за животно дело, унгарскиот режисер Бела Тар почесна награда за животно дело, литванската продуцентка Улјана Ким ја доби меѓународната награда за копродукција на Еуримаж, а турската претприемачка Ѓилер Шабанџи европската награда за одржливост.
М. КОСТОВА