„ЗОШТО ГО САКАМЕ ФИЛМОТ?“ Е МОТОТО НА 38. ЕВРОПСКИ ФИЛМСКИ НАГРАДИ НА 17 ЈАНУАРИ ВО БЕРЛИН

    „ЗОШТО ГО САКАМЕ ФИЛМОТ?“ Е МОТОТО НА 38. ЕВРОПСКИ ФИЛМСКИ НАГРАДИ НА 17 ЈАНУАРИ ВО БЕРЛИННорвешката легенда, актерката, режисерка и хуманитарка Лив Улман, ќе добие награда за животно дело. (ЕФА)

    „Зошто го сакаме филмот?“ е мотото на свеченото доделување на 38. Европски филмски награди што ќе се одржи на 17 јануари во прочуената зграда Куќа на светските култури во Берлин. На гала вечерта на Европската филмска академија (ЕФА) ќе се објават најдобрите филмови за 2025 од 88 номинирани во 22 категории, а најавени се 1.000 гости.

    „Сентиментална вредност“ на норвешкиот автор Јоаким Триер е фаворит со пет номинации, шпанскиот „Сират“ на Оливер Лаше има четири, а тука се и „Звукот на паѓањето“ на Маша Шилински, „Беше само несреќа“ на Џафар Панахи и „Гласот на Хинд Раџаб“ на Каутер Бен Ханија.

    Во категоријата Европско откритие – Награда ФИПРЕСЦИ, што се доделува за најдобар прв долгометражен филм на авторите во соработка со Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ, номинирани се 6 филма и тоа: словенечкиот „Што ти е девојче“ на Уршка Џукиќ, британските „Сенката на татко ми“ на Акинола Дејвис Џуниор и „За паѓањето“ на Лаура Кареира, турскиот „Еден од оние денови“ на Мурат Фиратоглу, данскиот „Сауна“ на Матијас Брое и полскиот „Под сивото небо“ на Мара Тамкович.

    Церемонијата која традиционално се одржуваше во почетокот на декември, од годинава се префрли во јануари, веднаш по Златните глобуси и за време на периодот на гласање за номинациите за Оскар, за да им даде на победничките филмови повидно место. Ирско-шкотскиот филмски режисер Марк Казинс и театарскиот режисер Роберт Ленингер ќе ја режираат церемонијата на доделувањето на наградите, а германската филмска композиторка Даша Дауенхауер е авторка на музичкиот концепт.

    „Сакам да си играм со формата на филмските настани, па затоа со задоволство ја прифатив можноста да бидам дел од вечерта на Европските филмски награди. Се надеваме дека ќе има неколку изненадувања. Ќе се обидеме да создадеме кинематографски слики, емоции и идеи. Почестен сум што работам со Роберт, Даша и тимот на Академијата, во зграда на која одамна ѝ се восхитувам“, вели Казинс, а Дауенхауер додава: „Со музичкиот концепт за овогодишните Европски филмски награди, намерно сакав да создадам нешто што отстапува од очекуваното, а воедно следи и принцип ‘враќање кон корените’. Исто како што целата церемонија е многу тесно поврзана со филмот, така и музиката треба да се врти околу најинтимниот и најчист инструмент што постои: гласот“.

    Меѓу презентерите на наградите се и британската режисерка оскаровка Асиф Кападија, и норвешкиот режисер Халфдан Улман Тиндел кој лани ја освои наградата на ФИПРЕСЦИ за најдобро европско деби. Во Берлин ќе дојдат и голем дел од номинираните, меѓу нив и Панахи, Ханија, Триер, Шилински, Мадс Микелсен, Ренате Ренсве, Леони Бенеш, Тони Сервилјо и Вики Крипс.

    Норвешката легенда, актерката, режисерка и хуманитарка Лив Улман, ќе добие награда за животно дело, а во нејзина чест ќе има и специјална вечер со проекција на „Сцени од брачниот живот“, една од нејзините најславни соработки со режисерот Ингмар Бергман.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира