Белградската филхармонија, под диригентство на легендарниот Зубин Мехта, вечерва (20 часот) ќе има концерт во Македонската филхармонија. Белградската филхармонија ќе ги изведе Симфонијата бр. 7 од Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Берлиоз. Концертот е дел од „Отворен Балкан“, а на 20 јуни свиреа во Белград.
Осумдесет и седумгодишниот Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години. Концертот со кој Белградската филхармонија одбележува и 100 години од основањето ќе биде негов 11. настап со овој оркестар.
Мехта третпат ќе настапи во Скопје: првиот му беше во 1967 со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, а вториот во 2007 со Израелската филхармонија во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем.
Во неговата биографија, меѓу другото, се наведува дека дебитирал како оперски диригент со „Тоска“ во Монтреал во 1963. Оттогаш диригирал во Метрополитен во Њујорк, Виенската државна опера, Кралската опера во Лондон, Ковент Гарден, миланската Скала и во оперските куќи во Чикаго и Фиренца, како и на фестивалот во Салцбург.
Титулата почесен диригент му ја доделија Виенската филхармонија (2001), Минхенската филхармонија (2004), Филхармонијата на Лос Анџелес (2006), Театро дел Маџо Музикале во Фиренца (2006), Берлинската државна капела (2014) и Баварскиот државен оркестар (2006).
Во октомври 2008, Мехта беше одликуван со Царската награда од јапонското царско семејство. Во март 2011, доби ѕвезда на Холивудскиот булевар на славните.
Зубин Мехта заедно со брат му Зарин ја води Музичката фондација „Мехли Мехта“ во Мумбај, каде што повеќе од 200 деца стекнуваат знаење од областа на западната класична музика.
Б. НЕСТОРОСКА