40 ГОДИНИ ОД „ЛАЈВ ЕЈД“, КОНЦЕРТОТ ШТО ОБЕДИНИ ДВЕ МИЛИЈАРИ ЛУЃЕ ЗА ПОМОШ НА АФРИКА

    40 ГОДИНИ ОД „ЛАЈВ ЕЈД“, КОНЦЕРТОТ ШТО ОБЕДИНИ ДВЕ МИЛИЈАРИ ЛУЃЕ ЗА ПОМОШ НА АФРИКАТоа беше и најголемиот сателитски пренос во историјата – настан каков што светот дотогаш не видел. (Фото: АП)

    „Во Лондон е пладне, во Филаделфија е седум наутро, а низ целиот свет – време е за ‘Лајв ејд’.“ Оваа телевизиска најава на 13 јули 1985 година го означи почетокот на повеќе од 16 часа музика која обедини речиси две милијарди луѓе во повеќе од 100 земји. „Лајв ејд“ не беше обичен концерт. Целта не беше само музиката, туку собирање хуманитарна помош за жртвите од глад во тогашната сушна Етиопија. Тоа беше и најголемиот сателитски пренос во историјата – настан каков што светот дотогаш не видел.

    (Фото: АП)

    (Фото: АП)

    На сцената се редеа најголемите музички ѕвезди од различни жанрови – многу од нив денес веќе не се меѓу нас: Фреди Меркјури, Дејвид Боуви, Тина Тарнер… Сите настапија бесплатно. Настапија и Шаде, Мадона, Пети ЛаБел… Концертот се одржа истовремено на стадионот Вембли во Лондон и на стадионот „Џеј-Еф-Кеј“ во Филаделфија. Луѓето ширум светот гледаа како Меркјури ги анимираше 72.000 присутни на Вембли заедно да го пеат рефренот на песната „Радио Га Га“, како Боно од „Ју-Ту“ скокна од бината за да заигра со тинејџерка од публиката или како Боб Гелдоф страсно ги повикуваше гледачите да донираат.

    (Фото: АП)

    И да разјасниме една често погрешно пренесена анегдота за „Лајв ејд“: сер Боб никогаш не изјавил „Дајте ни ги вашите ебени пари“. Тоа бил погрешен цитат.

    (Фото: АП)

    „Лајв ејд“ го замислија и организираа ирскиот музичар Боб Гелдоф и Миџ Јур од групата „Ултравокс“ – и тоа во рекордно краток рок, поттикнати од успехот на синглот „Знаат ли дека е Божик“ (Do They Know It’s Christmas?) од 1984 година – песна што денес е прилично контроверзна, а која тие двајца ја напишаа заедно. Јур подоцна за „Гардијан“ изјави дека поголемиот дел од планирањето на „Лајв ејд“ се одвивал повеќе по инстинкт и добра волја, отколку по јасен план или буџет. Токму затоа „Лајв ејд“ стана модел што подоцна го следеа настани како „Фарм ејд“ (1985), „Лајв 8“ (2005) и „Лајв Ерт“ (2007).

    (Фото: АП)

    Во 2004 година, по објавувањето на ДВД-снимките од концертот, Гелдоф изјави: „Зедовме тема која не беше ни блиску до политичката агенда и преку јазикот на планетата – а тоа не е англискиот, туку рокенролот – успеавме да ја истакнеме интелектуалната бесмисленост и моралната одвратност на фактот дека луѓе умираат од глад во свет со изобилство храна.“

    (Фото: АП)

    Лајв ејд“ навистина собра милиони за хуманитарна помош и имаше одредени политички последици. Служеше како инспирација за започнување на американската програма ПЕПФАР (Претседателска вонредна програма за помош во борбата против СИДА) во 2003 година, која подоцна беше значително ослабена поради буџетските кратења на администрацијата на Трамп.

    Нов документарец, Лајв ејд на 40: Кога рокенролот го презеде светот“, открива и дека Гелдоф и неговиот сонародник Боно неуморно лобирале кај лидерите на Г8, што на крајот довело до отпишување на 40 милијарди долари долг за 18 од најсиромашните земји во светот, како и до ветување дека помошта за земјите во развој ќе се зголеми за 50 милијарди долари годишно до 2010 година.

    Денес, 73-годишниот Гелдоф се сомнева дека духот на тој настан може да се повтори во ерата на социјалните мрежи. „Тоа е технологија што ги разделува луѓето, за разлика од рокенролот што ги обединува,“ изјави тој за НМЕ. Реагирајќи на неодамнешната изјава на Илон Маск дека „најголемата слабост на западната цивилизација е емпатијата“, Гелдоф додаде: „Не, Илоне – лепилото што ја држи цивилизацијата заедно е токму емпатијата. Живееме во време во кое умира добрината, и против тоа се борам.“

    Но, рокерот сè уште верува во промените: „Можеш да ги промениш работите, навистина можеш… поединецот не е немоќен, а заедно – навистина можеме да направиме промена“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира