50 ГОДИНИ ДИСКО ВО СКОПЈЕ, ТОГАШНАТА МУЗИКА ИМА ТРАЈНА ВРЕДНОСТ, ВЕЛИ ЕДЕН ОД ПРВИТЕ ДИЏЕИ САШО ЈОРДАНОВСКИ

    50 ГОДИНИ ДИСКО ВО СКОПЈЕ, ТОГАШНАТА МУЗИКА ИМА ТРАЈНА ВРЕДНОСТ, ВЕЛИ ЕДЕН ОД ПРВИТЕ ДИЏЕИ САШО ЈОРДАНОВСКИСо нив се врзуваат почетоците на диско сцената во Македонија. - Здравко Ситновски (ја прими наградата во името на Васја Ивановски), Сашо Јордановски и Драган Б. Костиќ (Фото: К. Попов)

    Живееме во време кога е модерно да се биде диџеј. Ова е можно, затоа што ноќниот живот е разновиден, теренот за пуштање музика е широк, а и лесно се доаѓа до (нова) музика. Но, пред 40-50 години, диџеите и дискотеките во Скопје можеа да се избројат на прсти од една рака.

    Оваа година се навршува половина век од отворањето на првата дискотека во градот. Се викаше „Технометал“, се наоѓаше спроти црквата „Свети Димитрија“ на влезот во Чаршијата и собираше не повеќе од 150 луѓе.

    „Тоа е моментот кога журките ги заменуваат дотогашните игранки“, се присети Сашо Јордановски, попознат како диџеј Сале.

    Како симбол на дискотеката „Огниште“, тој е еден од шестемина скопски легенди, чие име се врзува со почетоците на дискосцената во Македонија, на кои некогашниот организатор на журките Милорад Цаиќ-Цајо им додели посебни признанија како првата генерација диџеи: Васја Ивановски („Технометал“), Михаил Бошковски-Мице („Мусандра“), Драган Б. Костиќ („Турист“), Богдан Стојановски Боби Латино („Панорама“) и Ванчо Иванов ДЈ Главче („Таверна“).

    Милорад Цаиќ-Цајо за петок ја најави својата нова ретро-забава „Засекогаш млад“ (Фото: К. Попов)

    „Дискотеките почнаа како мали простори, јас ги викам клупчиња. После се отворија ‘Турист‘ и ‘Мусандра‘, па ‘Панорама‘ и ‘Огниште‘, кои веќе личеа на дискотеки, бидејќи можеа да влезат по 500-600, па и 700 луѓе. Тоа веќе беа вистински дискотеки, опремени со убаво озвучување и со светлосни ефекти. Народот беше желен за забава, тоа беше најважното. Денес се желни за мобилни телефони и забавата се губи“, вели Јордановски.

    Денешните дискотеки главно асоцираат на техно и електронска музика, но првите македонски диџеи имаа шарен репертоар.

    „Музиката што се пушташе тогаш е трајна. Тие песни сега се евергрини и денес забавите сè уште се прават со тие музики. Не сакам да го критикувам техното, но мислам дека нема некоја трајна вредност. Ние тогаш пуштавме сè, ју-музика, македонска, странски хитови, и рок и диско, музиката што ја имавме на располагање. Сега, на пример, имате само транс забави, а во тоа време одеа сите жанрови во една вечер, сите луѓе да бидат задоволени“.

    Најтешкиот дел, вели, беше да се дојде до нова музика.

    „Се пушташе само од плочи и касети и тие се купуваа при одење во странство, најчесто со воз. Немавме многу информации, како сега со интернетот да чуеш што е ново и добро“.

    Ако некој мисли дека денес забавите рано завршуваат, во тоа време дома се одело уште пред полноќ.

    „Во почеток забавите траеја до 23 часот, тогаш веќе мораше да биде испразнето. Тоа се смени во 1986 година, кога журките на Цајо првпат добија дозвола да траат до пет наутро. Со тоа и официјално почна ноќниот живот во Скопје. Потоа се отворија и летните дискотеки и бурекџилници и градот заживеа до сабајле“, вели Јордановски, додавајќи дека својата диџејска кариера ја завршил околу 1991, кога „ние постарите им го отстапивме местото на новите генерации диџеи“.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира