50 УЧЕНИЦИ ИЗГРАДИЈА СНЕЖЕН ГРАД НА ПОПОВА ШАПКА

    50 УЧЕНИЦИ ИЗГРАДИЈА СНЕЖЕН ГРАД НА ПОПОВА ШАПКАНавистина е жално што за една ваква убава манифестација, која има 42 годишна традиција, државата не обезбедува никакви средства“ вели Стојан Христов од детскиот културен центар „Карпош“ - Дел од градбите на скопските ученици (Фото: Зандон)

    За шест дена педесетина ученици од неколку скопски основни училишта на Попова Шапка изградија Снежен град. Голем замок, традиционална охридска куќа, игло па и автомобил, беа само некои од снежните градби кои децата ги правеа користејќи го снегот кој на Шара оваа година го има во изобилство.

    „Првин сакавме да изградиме англиска куќа, но во текот на градбата се предомисливме и изградивме традиционална охридска куќа. При градбата имавме малку проблеми со снегот, беше поцврст и беше потежок за градба. Но, тоа не ни претставуваше поголем проблем и успеавме да ја изградиме куќата. Користевме и малку бои за да ги нагласиме контурите на градбата. Во секој случај беше многу забавно бидејќи сите заеднички работевме на изградбата“ раскажува ученикот Виктор Миленковски од основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“.

    „Јас дојдов тука зошто идејата да се направи снежен град ми звучеше многу интересно и не очекував дека од снегот ќе можат да се направат толку големи и интересни фигури. Не работев на една фигура туку им помагав на сите кои градеа“ надополнува Филип Раповски од основното училиште „Љубен Лапе“.

    „Не беше тешко да се направат овие градби, но замокот мораше сите да го градиме бидејќи беше многу голем. Јас работев и во градбата на автомобилот а им помагав на другарите кои ја градеа старата македонска куќа и фурната“ вели Ева Митеска од училиштето „Ацо Шопов“.

    Годинашнава манифестацијата „Снежен град“ е 42-ра по ред која ја организира детскиот културен центар „Карпош“ од Скопје. Порано таа се одржуваше во Маврово во детското одморалиште во Бунец а од пред 6 години се одржува на Попова Шапка.

    „Нашата цел е овие деца да си ја искажат својата креативност, да се научат заеднички да работат, но и да се рекреираат и, што денес е многу актуелно, да дишат чист планински воздух кој долу во градовите го имаме сѐ помалку. Изградбата на Снежниот град всушност беше место за дружење на децата, не само за време на градбата, туку и после тоа. Организиравме квиз натпревари, шаховски и пинг-понг натпревари имаше музика, вечерни забави, па така сите овие шест дена колку што сме овде на Попова Шапка нѝ поминаа во исклучително пријатна атмосфера. Навистина е жално што за една ваква убава манифестација, која има 42 годишна традиција, државата не обезбедува никакви средства“ вели Стојан Христов од детскиот културен центар „Карпош“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира